Не е точно дека Германија им забранува на своите граѓани употреба на дрва за греење

Амандманот уште не е усвоен, бидејќи не е пуштен во парламентарна процедура

Фото: Исечок од рецензираниот Фејсбук пост

Станува збор за дезинформација дека Германија им забранува на своите граѓани употреба на дрва за греење. Германската влада во април годинава донесе одлука за измени и дополнувања на Законот за енергенси со која официјално е почнат преминот на греењето кон обновливи извори на енергија. Меѓутоа, оваа одлука не значи дека Германија забранува користење на дрва за греење. Амандманот не се однесува на постоечките системи за греење, туку само на новоизградените згради, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Германија од следната година забранува користење на дрва за греење.

Потоа во сoстав на постот се споделува текст од Епоха, во кој се пренесува дека Германија од следната година забранува дрва за греење и дека забранила нивна продажба на обичните граѓани во склоп на својата радикална иницијатива на Светскиот економски форум за спас на планетата“. Потоа се додава дека забраната е со цел да „им се скрати на граѓаните правото на избор“.

Меѓутоа, во постот погрешно се толкува неодамнешната одлука на германската влада за измени и дополнувања на законот за енергенси. Станува збор за дезинформација дека Германија им забранува на своите граѓани употреба на дрва за греење. Германската влада во април годинава донесе одлука за измени и дополнувања на Законот за енергенси со што официјално е почнат преминот на греењето кон обновливи извори на енергија.

Нацрт законот за измени и дополнувања го изработи федералното Министерство за економија и заштита на климата заедно со Федералното министерство за урбанизам и градежништво. Нацрт законот законски предвидува преминување кон обновливи извори на енергија за греење и производство на топла вода и на таков начин иницира и постепено спроведува намалување на јаглеродот во секторот на греењето. Од 2024 година, обновливите извори на енергија мора доследно да се користат при инсталирање на нови системи за греење. Тоа значи дека од 1 јануари 2024 година, секој новоинсталиран систем за греење мора да работи најмалку со 65 проценти обновлива енергија, се вели во соопштението на германската влада.

Меѓутоа, оваа одлука не значи дека Германија забранува користење на дрва за греење. Амандманот не се однесува на постоечките системи за греење, туку само на новоизградените згради.

Од 1 јануари 2024 година секој новоинсталиран систем за греење (во новите згради и постоечките згради, во станбени и нестанбени објекти), мора да користи најмалку 65 проценти обновлива енергија. Постоечките грејачи не се опфатени и може да продолжат да се користат. Поправки и понатаму се можни. Крајниот рок за користење на фосилни горива за греење е 31 декември 2044 година, се објаснува во одлуката на владата.

Амандманот уште не е усвоен, бидејќи не е пуштен во парламентарна процедура, се наведува во проверката на факти на проверувачите на факти од Раскринкавање, кои дојдоа до слични заклучоци.

Наводната иницијатива на Светскиот економски форум за спасување на планетата која се споменува во спорниот текст и пост кој го рецензираме не постои. Светскиот економски форум е меѓународна непрофитна организација која нема овластувања да управува со институциите на било која суверена држава. Нема докази дека забраната за вградување на нови системи за греење кои користат дрво или пелети, се совпаѓа со наводен план на СЕФ да ја скрати можноста на избор на граѓаните, ниту пак се нудат докази дека таков план на СЕФ навистина постои.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.