И после повеќе од две децении се уште имаме проблеми со стечајот, но и со денационализацијата, која одамна требаше да биде завршена, вели народниот правобранител Иџет Мемети за „Мета“. Кон крајот на минатата година институцијата примила повеќе од 300 претставки за стечајот на Охис од поранешни вработени во некогашната фирма.

– Тие изразија сомнеж во работата на стечајниот управник, стечајниот судија, но и од дел од адвокатите кои требале да ги застапуваат нивните права. Што покажува ова? Дека и после две и повеќе децении имаме проблем со стечајот иако во повеќе наврати се направија реформи во оваа област, се со цел лицата кои работеа во фирмите кои заминаа во стечај, да можат поефикасно да си ги остварат своите права-да си ги земат заостанатите плати, да си ги наплатат придонесите и да ги остварат правата од пензиско и инвалидско осигурување. Ние овој случај, сериозно го испитуваме затоа што станува збор за голем број на лица и за голем број на повредени права – вели Мемети.

Минатата година забележително се зголемил бројот и на претставките за процесот на денационализација.

– Тоа е проблем кој ние со години наназад го нотираме во нашите годишни извештаи, особено оној ланец комисии управни судови. Конкретно, Народниот правобранител констатира дека главниот проблем за граѓаните е работењето на комисиите за денационализација, кои не обезбедуваат еднаква и објективна примена на законите и другите прописи со што доведуваат нивните одлуки и по неколку пати да се поништуваат од управните судови, а ова трае со децении – додава Мемети.

По секои избори, вели народниот правобранител, почнуваат проблеми во сферата на работните односи.

– Така минатата година имавме поплаки од голем број на лица вработени особено во образованието на кои или не им биле продолжени договорите или не им бил трансформиран работниот однос. Ова повлекува и зголемување на бројот на поплаките од областа дискриминација затоа што сите овие лица сежалаат дека се жртви на дискриминација по политичка основа – вели народниот правобранител.