Најновата петта експанзија на „Guild Wars 2: Janthir Wilds“ е во претпродажба

Играта овојпат продолжува во полна сила со сите позитивни ефекти, прекрасна епска музика, авантури и неексплицитни борби

Eldridzh Guardian 3 /слика од лична архива на Иван Стојановски

Најновата, петта експанзија на „Guild Wars 2: Janthir Wilds“ е во претпродажба и излегува на 20 август. Во моментов има понуда за сите што ќе ја купат предвреме, со козметички бонуси, титули и други додатоци.

Меѓу најважните нови карактеристики е што копјата, кои досега беа исклучиво оружја за под вода, ќе бидат додадени на сите класи како оружје и за на копно, а за секој играч ќе се нуди приватен имот „Player Housing“ на повисоко ниво од досегашните „Home Instance“ решенија. Секако, и колоритен свет со смирувачка природа и епски битки, нови рејдови и уште многу други посакувани додатоци од играчите. Повелете и погледнете го трејлерот за експанзијата:

За концептот и деталите за оваа игра и целиот „Guild Wars“ серијал имаме повеќе написи што можете да ги прочитате овде. Оваа игра беше поевтината замена за „WoW“ за многу генерации играчи. Претставуваше игра што дури и ја надмина „WoW“ во повеќе наврати. Се купува еднаш и се игра неограничено, без месечна претплата. А основната игра е целосно бесплатна. Експанзиите се „Buy to Play“.

Уште во времето на „Guild Wars 1“ (која и ден денес е активен серијал) играта беше рекламирана со маркантен пример од реалниот живот каде беше прикажано сведоштво на брачен пар што изгубил дете – ја промовираа „Guild Wars“ како игра со прекрасни пејзажи кои имаат и смирувачки ефект и намалуваат психолошка болка. Долги години и играчите на „Guild Wars 1“ ја очекуваа „Guild Wars 2“ и воопшто не беа разочарани од продолженијата.

Играта овојпат продолжува во полна сила со сите позитивни ефекти, прекрасна епска музика, авантури и неексплицитни борби, и покрај страшните непријатели. Никаде нема „крвави борби”, туку, при удар, има светлосни одблесоци. Затоа е добро прифатена низ цел свет и е со годишна граница 12+, иако поголем дел од посериозните играчи се на возраст од 25 до 40 години. Често има и повозрасни играчи што ја играат играта со своите деца. Заедницата на играта е поприлично пријателски расположена. 

Иако тимот на девелопери што ја прави играта најави кратки експанзии со евтина цена, најевтината варијанта е 25 евра за стандардното издание на „Guild Wars 2: Janthir Wilds“, додека делукс верзијата е околу 50 евра, а Ultimate верзијата е 75 евра. Покрај обичните додатоци на слотови за карактери, титули и козметика – достапни се и два ексклузивни ајтеми со целосната ултимативна верзија, а тоа се „Wayfinders Versatile Table“ и „Eldritch Gathering Tools“. Наша препорака е да се почекаат понуди за купување на експанзиите „во пакет” што е поевтина варијанта која несомнено ќе се појави во иднина.