Над 500 жени во САД го тужат „Убер“ поради поплаки за сексуален напад

фото: Priscilla Du Preez на Unsplash

Компанијата „Убер“ доби тужба од повеќе од 500 жени низ САД кои тврдат дека биле нападнати од возачи на оваа платформа, јавува „Блумберг“.

Во жалбата која е поднесена во Сан Франциско, САД, се наведува дека жените биле киднапирани, сексуално нападнати, силувани, затворани, демнени, малтретирани или нападнати на друг начин за време на нивните возења. Во жалбата се тврди и дека „Убер“ знаел за сексуалното недолично однесување на некои од возачите, вклучително и за силување од 2014 година.

Компанијата долго време се мачи да се справи со поплаки за несоодветно однесување на возачите. Пред само две недели, „Убер“ го објави својот втор безбедносен извештај кој покажа дека компанијата примила 3.824 извештаи за петте најтешки категории на сексуален напад во 2019 и 2020 година.

„Иако компанијата ја призна оваа криза на сексуален напад во последниве години, нејзиниот вистински одговор беше бавен и несоодветен, со ужасни последици. Многу повеќе може да направи Убер за да ги заштити корисниците: додавање камери за одвраќање напади, вршење проверки на возачите, создавање систем за предупредување кога возачите не остануваат на патеката до дестинацијата“, вели адвокатската фирма која ја поднела жалбата.

Во 2018 година, „Убер“ се согласила да го реши случајот во кој две жени тврделе дека биле искористени од возачите откако конзумирале алкохол. Компанијата се бранела долго време, тврдејќи дека не може да биде одговорна за однесувањето на своите возачи, кои не се вработени во компанијата, туку се извршители на услугите. Во неодамнешниот извештај за безбедноста, „Убер“ вели дека спроведува детални проверки на позадината на возачите пред и за време на нивната соработка со компанијата.