Националниот младински совет со повик за номинации за Наградата за младинско учество

Отворен e повикот за доделување на награди за младинско учество во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст 15-29), категорија за неформални групи на млади (од најмалку 3 членови) и категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

Фото: НМСМ

Сите иницијативи на млади, неформални групи на млади и младински организации, организации за млади и чадор младински организации во Република Северна Македонија кои покажале јасна визија, исклучителна креативност, иновативност и лидерство и мерливи резултати во подобрувањето на заедницата или благосостојбата на општеството, ќе имаат можност да конкурираат и да добијат една од наградите кои ги доделуваат Агенцијата за млади и спорт (АМС) во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во рамки на Наградата за младинско учество.

Во рамки на оваа награда, ќе бидат доделени 3 награди поделени по една во секоја од следниве категории: Индивидуална категорија за млади на возраст од 15 до 29 години; Категорија на неформални групи на млади која брои најмалку 3 членови и  Категорија на младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

За Наградата за младинско учество за номинација млади во индивидуалната категорија и членовите на неформалната група на млади треба ги исполнуваат следните услови:

  • Да бидат државјани на Република Северна Македонија;
  • Да се на возраст од 15 до 29 години до денот на завршувањето на повикот за номинации;
  • Да ја имплементирале активноста, работата или услугите за кои се номинирани на територијата на Република Северна Македонија;
  • Да ја имплементирале активноста, работата или услугите за кои се номинирани во периодот мај 2022 – мај 2023;
  • Да имале клучна улога во активноста за која се номинирани.

Додека за номинација за Награда за младинско учество за младински организации, организации за млади и чадор младински организации потребно е исполнување на следните услови:

  • Да бидат регистрирано здружение или фондација во Република Северна Македонија согласно Закон за здруженија и фондации;
  • Да се впишани како една од формите на младинско организирање во Регистарот на форми на младинско организирање на АМС, согласно Законот за младинско учество и младински политики;
  • Да имаат најмалку две години активно постоење.

За оваа награда не можат да конкурираат државните службеници, политички-именувани лица, персоналот на јавните претпријатија и/или лидерите на политичките партии.

Целта на оваа награда е да го препознае и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања, додека финансиската поддршка која ќе биде доделена ќе обезбеди унапредување на работата и активизмот на добитникот.

Наградата за младинско учество според категории која ќе ја добијат победниците се: 1.500 евра за индивидуална категорија; 3.000 евра за неформални групи на млади и 3.000 евра за младински организации.

Наградите ќе бидат доделени и презентирани на пошироката јавност на Меѓународниот ден на младите (11 август 2023) во Скопје. Сите заинтересирани за наградата за индивидуална категорија може да аплицираат на следниов линк, додека неформалните групи на млади може да аплицираат на следниов линк. Младинските организации, организации за млади и чадор организации може да аплицираат овде.

Номинациите за Наградата за младинско учество може да бидат доставени најдоцна до 10 јули 2023 година на полноќ.

Номинациите кои ќе бидат селектирани во потесен круг, во завршната фаза ќе подлежат на јавно гласање.

Повикот за номинација за наградата за младинско учество можете да го најдете на следниот линк.