На 16 септември ќе се одржи јавна расправа за планот за управување со Шар Планина до 2031 година

Село Бозовце, Шар Планина | Фото: Мета.мк

Во Тетово на 16 септември ќе се одржи јавна расправа за Нацрт-Планот за управување со Националниот парк Шар Планина за периодот 2022-2031 година и Нацрт-Извештајот за стратегиска оцена врз животната средина за изготвениот нацрт-план, информираат од јавната установа Национален парк Шар Планина (ЈУНП Шар Планина) и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

Тие ја известуваат заинтересираната јавност дека врз основа на Законот за заштита на природата и Законот за животната средина, ќе се спроведат задолжителните две јавни расправи, а за точната локација и времето на одржување ќе има дополнително соопштение за јавноста.

„Заради состојбата со COVID-19 во државата, а во контекст на спроведување транспарентна и инклузивна постапка, со можност за вклучување на поголем број учесници, јавните расправи ќе бидат хибридни и ќе се спроведат со физичко присуство  и он-лајн на ЗООМ платформата (линкот за вклучување ќе биде дополнително споделен)“, се наведува во соопштението.

Нацрт-Планот за управување со Национален парк Шар Планина за периодот 2022 – 2031 е достапен за увид на веб страницата на МЖСПП на следниот линк: https://bit.ly/3zOmCu7, додека Нацрт-Извештајот за стратегиска оцена врз животната средина за овој нацрт-план е достапен за увид на веб страницата на МЖСПП на следниов линк: https://bit.ly/3A7aqpP.

Сите забелешки и предлози во однос на двата нацрт-документа може да се достават на јавните расправи или најдоцна 10 дена од одржувањето на истите до Јавната установа Национален парк Шар Планина на улица Његошева бр.3, 1200 Тетово или на е-маил: [email protected].