На 1 октомври ќе се одржи првиот Национален средношколски самит

Фото: Анисија Угриновска, основач на ОДАС, извор: ФБ профил, се користи со дозвола

На 1 октомври ќе се одржи првиот Национален средношколски самит, во организација на средношколското претставничко тело Организација за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС). Целта на самит 2022 е слободно произнесување на средношколците за нивните колективни проблеми на национално ниво и донесување на предлог-решенија за истите.

„Решенијата кои ќе ги донесат средношколците на овој Самит ќе бидат составен дел на Декларацијата која ќе биде спроведена до сите релевантни институции и ќе биде голем чекор напред во подобрувањето на образовниот систем. На овој начин сите ученици во државата ќе имаат еднаква можност да учествуваат во унапредување на образовниот систем, не само на локално, туку и на национално ниво. Ова е одлична можност средношколците да бидат создавачи на политиките во средношколскиот свет“, наведено е во соопштението од ОДАС.

Националниот средношколски самит го носи мотото „Бидете во чекор со генерацијата“. ОДАС е средношколска организација посветена на нејзината мисија за создавање на заедница од посветени ученици, одговорни граѓани и идни лидери. Мотото на ОДАС гласи „Од учениците, за учениците“ бидејќи организацијата својот труд го изразува при унапредување на колективната способност на учениците да поттикнат подобрување на образовниот систем.