Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 584, додека има слободни околу 580 болнички кревети за прием на пациенти, информираат од Министерството за здравство.

Во изминативе 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 320 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, а во Скопје 264.

Во последното деноноќие, на интерните клиники во Скопје имало 6 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 4 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 10 во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 22 оздравени пациенти.

„Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 140 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места“, велат од Министерството за здравство.

Во однос на ковид-центрите во другите градови низ земјава, по извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 20 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во болницата во Штип е хоспитализиран 35 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 15 пациенти, во Велес се лекуваат 16 болни, а во Куманово 45 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 65 пациенти, во Прилеп 20 во ковид центарот, во Гостивар 17, а во Струга 20 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 20 пациенти, во Кочани 4, во Кичево 12, Кавадарци 16, во Гевгелија 2 лица, а во Дебар 13 позитивни и суспектни на корона вирусот.

„Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти,“ се вели во соопштението на Министерството за здравство.