fbpx

МВР со новите 600 полицајци продолжува со партизација на полицијата, сметаат експертите

-

Министерството за внатрешни работи денеска го распиша огласот за нови 600 вработувања во оваа институција. Како што може да се прочита во него, станува збор за прием на „600 извршители на работното место полицаец“.

За експертите, вработувањето на нови 600 полицајци во МВР е со цел да се пополнат полициски редови со кадри, за чија селекција најважниот критериум ќе биде партиската припадност на кандидатите.

Според пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, станува збор за целосна партизација на полицијата, процес кој владејачката гарнитура го спроведува во континуитет. Трајанов вели дека во изминатите неколку години, околу 3.000 полициски службеници, користејќи ги новите услови за пензионирање, го напуштиле министерството, а сега на нивно место се вработуваат кадри чија селекција оди под партиски клуч.

Тој вели дека опозициските партии што се дел од преговарачкиот процес во Пржино, треба да го блокираат огласот и да не се дозволи понатамошна партизација на полицијата.

– Практично, пред неколку години се сменија условите за пензионирање на полициските службеници, што овозможуваа пензионирање пет години порано и со добри услови. Повеќе припадници на полицијата, поради притисоци, партиското мешање во МВР, одлучија да ги искористат овие услови и да заминат во пензија. Сега се одлучи на нивно место да се регрутираат партиски кадри, чија селекција оди преку партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Од МВР оглаот ќе го правдаат со тоа дека имаат потреба од луѓе, поради состојбите во државата, мигрантската криза, протестите, но се работи за процес на целосна партизација на полицијата, која се одвива во континуитет – вели Трајнов.

Идентичен е ставот и на универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, кој вели дека МВР е претворено во партиско-социјална установа „за прием на кадри кои треба да носат гласови на избори“.

– Не знам до каде ќе води ова проширување на администрацијата и од кои средства таа ќе се плаќа. Овде не се прави полиција на државата, туку полиција на партијата, односно партиска војска. Во извештајот на Прибе јасно е нотирано дека мора да се работи на процесот на одвојување на партијата од државата, но продолжува да се прави токму спротивното и се оди во крајност – вели Пивоваров.

Со огласот од пред една година и овој сега, за една година во МВР се примаат 1.200 нови полицајци. За ланскиот конкурс, Пивоваров вели дека бил обележан со нерегуларности при изборот на кандидати, кои оделе до манипулација со законската регулатива.

– Јас барав да се поништи тој конкурс бидејќи имаше многу неправилности. На кандидатите кои не беа примени, не им беше дозволен увид во извештаите за нивните постигнати резулати, а тоа беше вметнато во подзаконските акти. Таму имаше кандидати кои имаа далеку повисоки резултати од оние 600 кои беа примени – вели Пивоваров.

Според податоци кои „Блумберг“ ги објави во 2008 година, во Македонија имало 9.905 полицајци.

Во 2014 година, поранешниот помошник-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски, изјави дека имаме околу 8.500 полицијаци, а според буџетот за плати, во МВР (вклучувајќи ја и администрацијата) имало 10.925 вработени.

За денеска во 13 часот, МВР најави прес-конференција на министерот за внатрешни работи Митко Чавков во врска со огласот за вработување на нови полицајци.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Распишан конкурс за наградата „23 Октомври“

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, распиша конкурс за доделување на државната наградата за 2024 година. „Со државната награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа...