Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад во Ница, упати сочувство до претседателот на Француската Република, Франсоа Оланд.

„Со шок и со огорченост ја примив веста за терористичкиот напад во Ница, во кој животот го загубија голем број невини лица и каде има голем број повредени. Во овие тешки мигови на тага на пријателскиот народ на Француската Република, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој грозоморен и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување. Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, максимална соработка и одлучност во борбата против сите оние сили кои преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи ги сите цивилизациски придобивки кои генерациите зад нас истрајно ги создавале“, се вели во телеграмата.

Иванов во телеграмата додава дека Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади и е солидарна со Француската Република во борбата против тероризмот.