Македонска радиотелевизија објави јавен повик за потребите на дописничката мрежа на МРТВ, при што бараат новинар и снимател од Штип, ангажирани на хонорарна основа.

Инаку, анализата за дописниците од Здружението на новинари, покажува дека Македонската радиотелевизија има само тројца дописници од Источниот регион и ниту еден дописнички центар не е активен.

„МРТВ свои простории има во Струмица, на ул. Маршал Тито и во Штип, на плоштадот Слобода, но не ги користи. Во Штип, просториите се издадени под кирија и наместо новинари и техничари, таму работат готвачи и келнери, во угостителски објект. За квалитетот на информирање на МРТВ и МИА потребно е да се воспостави развиена дописничка мрежа која ќе ги опфати сите 30-на урбани средини во државата,“ се препорачува во анализата.

Од таму оценуваат дека моменталната состојба со дописниците е далеку неспоредлива со состојбите пред пет, десет и петнаесетина години.

Генералниот директор на Македонска радио телевизија, Марјан Цветковски во недомнешна дебата за јавниот сервис, истакна дека МРТВ за осум години останала со 187 вработени помалку.

„Со континуираната политика на државата и претходната власт и оваа за недавање согласности кон МРТ за нови вработувања, ние сега сме на позиција да имаме 763 вработени,“ рече Цветковски.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.