Министерството за образование и наука (МОН) подготви три сценарија за почеток на новата учебна година од 1 септември, кои заедно со протоколите денеска беа презентирани на Главниот координативен кризен штаб, информираат од МОН.
„Министерството за образование и наука е подготвено за спроведување на сите три сценарија, но очекуваме да почнеме со првото сценарио. Сите во Владата сме согласни дека најдобро е сите ученици од 1 септември да се вратат во училишните клупи под протоколите за заштита од ковид-19. Ова е првото и најпосакуваното сценарио, но сепак неговата примена ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заразни болести”, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Второто сценарио, рече министерката, е да се оди со хибридниот модел со којшто имаше успешна реализација на наставата во учебната 2020/21 година. Планот е со физичко присуство настава да следат учениците од 1 до 4 одделение, додека останатите ученици наставата да ја следат на далечина.
Третото сценарио, пак, предвидува враќање на сите ученици во училиштата под здравствени протоколи, со ротација на присуството на учениците на една недела.
Министерката Царовска рече дека минатата учебна година која се одвиваше со онлајн настава, настава со физичко присуство од 1 до 3 одделение и следење часови на националната телевизија заврши успешно според распоредот, а тоа го потврдила и најновата анализа на УНИЦЕФ.