МОН: Авторите и рецензентите на учебникот по Историја и општество неосновано ја префрлаат вината на министерството

фото: Мета.мк

Авторите и рецензентите на учебникот по Историја и општество за петто одделение, вината за направените грешки во содржината неосновано ја префрлаат на Министерството за образование и наука (МОН), реагираше денеска ова министерство.

Оттаму велат дека по направените измени во учебникот кои им се сугерирани од страна на рецензентите, авторите до Националната комисија за учебници на ЦД го имале доставено учебникот, заедно со допис во кој е наведено дека се работи за финална верзија, а рецензентите потпишале изјава дека нивните забелешки се имплементирани во истата.

„Сите предизвици кои им настанале при изработката на учебникот, авторите и рецензентитте требало да ги надминат со Националната комисија за учебници која е надлежна за спроведување на процедурата за одобрување на учебници. Членовите на комисијата, всушност, преку гласање одлучуваат за прифаќање, односно неприфаќање на одреден учебник. Во случајов, одлучиле учебникот со грешки да биде прифатен“, стои во соопштението на МОН.

Во новиот учебник по предметот Историја и општество за петто одделение се наведени неточни тврдења во темата „Население и континенти“, при што може да се забележи и лошо преведување на информациите. Така, во учебникот стои дека на исток нашата земја граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Во друг случај пишува дека Монт Еверест е највисоката точка на Земјата со висина од неверојатни 20.035 метри надморска височина, додека најниска точка е Мртвото море кое е „повеќе од 1.400 метри под морското ниво“. Покрај ова, има и многу јазични и правописни грешки.

Како авторки на учебникот се потпишани Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска. Рецензенти се Беса Хавзиу-Исмаили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска, додека лекторка е Виолета Јовановска-Никовска.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири изјави дека МОН го разгледува учебникот, а доколку 30 отсто од содржините во учебникот содржат грешки или за нив има забелешки, истиот ќе биде повлечен.