Во процесот на разгледување на учебникот по предметот Историја и општество ќе бидеме вклучени сите во Министерството за образование и наука, а ако забелешките и грешките надминуваат над 30 отсто, тогаш тој ќе биде повлечен од употреба. Ова во гостување на Телевизија 24 го изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири, откако беше објавено дека во печатеното и електронското издание на новиот учебник по овој предмет, има низа грешки.
„После забелешките кои веќе ги имаме и кои очекуваме и во наредниот период да се доставуваат до нас, Педагошката служба ќе провери дали тие минуваат 30 отсто. Тие може да се коригираат, но ако има 30 отсто грешки, тогаш се повлекува“, рече Шаќири.
Тој објасни дека целата постапка за одобрување на еден учебник поминува неколку фази. Најпрво ракописите се доставуваат во Педагошката служба. Конкретно за овој предмет стасал само еден ракопис. Потоа следувала објава на оглас за рецензенти, по што Националната комисија за учебници формирала комисија од неклкумина рецензенти. Откако ракописот бил доставен до рецензентите, тој бил исто така доставен и кај одговорните во Бирото за развој на образованието. Од Бирото доставиле мислење во кое навеле дека ракописот е целосно усогласен со наставната програма за Историја и општество за петто одделение, но имале и конкретни забелешки, кои авторите требало да ги исправат.
„Сепак, она што го имаме во извештајот, не се истите забелешки и грешки ко беа обелоденети во јавноста“, додаде министерот.
Тој најави дека за овој учебник до стартот на второто полугодие второто полугодие, ќе се најде решение.
„Ги очекувам сите забелешки неделава и идната недела веќе ние ќе имаме конечен став“, рече министерот.
Во учебникот има неточни тврдења во темата „Население и континенти“, но и очигледно, за лошо преведување на информациите. Така, наведено е дека на исток нашата земја се граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Освен тоа, пишува дека Монт Еверест е највисока точка на земјата со висина од неверојатни 29.035 метри надморска височина, а најниска точка дека е Мртвото море кое е „повеќе од 1.400 метри под морското ниво“. Освен тоа, има и многу јазични и правописни грешки, а пример за тоа е реченицата „Австралија е најмалиот континент и е единствена во светот која е составена само од една држава“.
Како авторки на учебникот се потпишани Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска. Рецензенти се Беса Хавзиу-Исмаили, Анета Соклевска и Виолета Шурбановска, а лекторка е Виолета Јовановска – Никовска.
За учебникот со своја реакција се огласи и Здружението на историчари, кои реагираа за низа неточни факти во учебникот.
„Во него се направени редица пропусти, и во содржинска и во концепциска
смисла. Наведени се повеќе погрешни информации. Поради тоа сметаме дека
доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно-образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците“, наведено е во нивната писмена реакција испратена до медиумите.
Тие навеле повеќе од 12 грешки, меѓу кои и тврдењето во учебникот дека „Египетскиот календар е лунарен“ на (стр. 120), а всушност, египетскиот календар е соларен.
„На страница 141 пишува дека Римскиот колосеум „потекнува од пред 72 година од н. е.“. Изградбата на Колосеумот започнала околу 72 година од н. е. и била завршена
за осум години. Потоа, во учебникот пишува: „Марија Кири – полска научничка добитничка на две Нобелови награди за наука.“ (стр. 116). Марија Кири двапати ја добила Нобеловата награда, и тоа за хемија и за физика. Не постои „Нобелова награда за наука“, реагираат од Здружението.