Моќниот и емотивен настап на Гарванлиев не беше доволен за влез во финале на „Евровизија“

Васил Гарванлиев Евровизија 2021
фото: принтскрин / Јутјуб видео на Eurovision Song Contest

Македонскиот претставник Васил Гарванлиев не се пласираше во финалето на Изборот за песна на „Евровизија“ годинава. Десетмина од шеснаесетте земји кои вчеравечер се претставија во првата полуфинална вечер се квалификуваа за големото финале кое ќе се одржи во сабота. Помеѓу земјите кои продолжуваат во големата саботна вечер се Норвешка, Израел, Русија, Азербејџан, Малта, Литванија, Кипар, Шведска, Белгија и Украина.

Покрај Северна Македонија, без пласман во финале останаа и Словенија, Хрватска, Ирска, Романија и Австралија.

И покрај малите шанси за пласман во финалето, моќниот и емотивен настап и одличната вокална изведба на Гарванлиев дадоа надеж дека македонскиот претставник сепак ќе се најде помеѓу десетте финалисти.

Повеќето реакции во јавноста по неговиот настап со „Here I Stand“ се позитивни. Ова е првпат македонски претставник на „Евровизија“ да користи визуелни ефекти при настапот кои придонесоа до поголем впечаток и ѝ дадоа дополнителен сјај на целокупната изведба.

Гарванлиев својот настап го опиша како историски момент.

„Застанав на таа сцена со искрена и отворена душа, гордо ја претставив Македонија и пеев за секоја душа на светот. Многу сум благодарен и горд и ова е само почеток на она што веќе е неверојатно патување, процес и пат. Ја почувствував љубовта, вистината, гордоста и енергијата од секого. Нема да го заборавам тоа. Стоиме заедно како едно…тоа е начинот на кој ја претвораме темнината во светлина и ја замолчуваме омразата со љубов. Ове стојам и најдоброто допрва доаѓа“, напиша Гарванлиев на неговиот профил на Инстаграм.

Целосните резултати од тоа како се гласало ќе бидат објавени по завршувањето на годинешната „Евровизија“, кога Европската радиуодифузна унија ќе објави како гласала публиката во првото и второто полуфинале.

На евровизиската сцена во Ротердам, Холандија синоќа можеа да се видат шаренило од стилови, костимографии и најразлични атрактивни сценски настапи.

Сепак, забележливо беше отсуството на гужва помеѓу публиката поради редуцираниот број на гости во арената „Ахој“. Според протоколите, на присутните 3.500 фанови им беше забрането да стојат.

Дел од прогласените финалисти беа дочекани со изненадување и реакции од публиката на социјалните мрежи, каде се коментира дека многу подобри песни и изведби не успеале да влезат во финале. Најголемото жалење се однесува на Хрватска, чиј настап беше оценет како еден од највпечатливите на вечерта.

Утре треба да се одржи второто полуфинале, на кое ќе се претстават уште 17 земји, додека големото финале ќе се случи во сабота, кога дваесетте финалисти од двете полуфинални вечери, заедно со големата петорка – Германија, Италија, Франција, Шпанија, Велика Британија и домаќинот Холандија, кои одат директно во финале, ќе се борат за големиот евровизиски трофеј.