Модерната верзија на „Half-Life“ до утре е бесплатна на „Steam“

Ова е верзија на „Half-Life“ со модерна графика и содржини на кои се работело многу порано, но не биле објавени досега

Half-Life скриншот од Steam

Како начин да се прослави 25-годишнината на „Half-Life“ (Полу-Живот), една од најважните видеоигри која направи револуција во гејмингот и претставува отскочна даска за голем број на игри што ја имитираат, на „Steam“ (Стим) може да се преземе бесплатно до утре, 20 ноември до 19 часот. Како што и порано сме напоменале – „Counter-Strike“ (Кантерстрајк) – глобално најпознатата игра со пукање (FPS), е развиена првично како мод на „Half-Life“. 

Девелоперите „Valve“ (Валв) што ја имаат платформата „Steam“, направија и документарец за самата игра и за нејзината 25-годишнина. Секако, ова е верзија на „Half-Life“ со модерна графика и содржини што не биле објавени досега, а на кои се работело многу порано. Повелете и погледнете го документарецот:

„Half-Life“ сама по себе беше одлична игра – со многу интересни механики од кои најмногу отскокнуваше “пушката со гравитација“. Своевремено, не само поради изгледот, туку и поради атмосферата и приказната, беше светски хит што ги надмина игрите како „Doom“ и „Quake“, а беше и голема инспирација на „Unreal Tournament“ игра што исто така кај нас беше многу играна мрежно, како и за многу други „игри со пукање“.

Беше игра каде што имаше класичен револвер како избор на оружје, додека револверот во поново време стана многу поредок во „FPS“ игрите. Се појави како „скин“ наместо ултрапопуларниот „Desert Eagle“ (Пустински орел) во Кантер-страјк „CS:GO“ верзијата, но и во „Overwatch“ (Oвервач) кај ликот на каубој наречен „McCree“ (Мекри).

Ова оружје има посебен носталгичен драж, а во “Генерација X” за која беше наменета првата верзија на „Half-Life“, речиси и да немаше дете што немало играчка-револвер на каписли, така што тоа добро се вклопи своевремено. Револверот тогаш беше препознатлив симбол на американската култура, па покрај филмови како „Dirty Harry“ (Валканиот Хари), беше присутен и во комедии како „Three Amigos!“ (Тројцата Амигоси), „Sledge Hammer“ (Голем чекан) и секако третиот дел од филмовите „Back to the Future“ (Враќање во Иднината). Филмската индустрија ова место потоа ѝ го даде на „Беретата“, па го презема „Десерт Игл“ пиштолот преку гејмингот и филмовите на Гај Ричи каде Џејсон Статам користи таков пиштол.  

Секако, пуштен е глас за „најдобрата игра што никогаш не е направена”, односно за „Half-Life 3“ – долгоочекуваната игра на која „вечно” се работи, а никако да излезе. Иако нема конкретни валидни информации за датумот на излегување, гејмерите шпекулираат што сè може да содржи истата. За сега имаме носталгично навраќање, а воедно, за некои помлади гејмери, и ново откритие.

Играта можете да ја преземете на „Steam“ целосно бесплатно на следниот линк до утре, 20 ноември до 19 часот навечер.