Во Министерството за финансии се одржа завршниот состанок со тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој престојуваше во земјата со цел спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија. На состанокот присуствуваше тим на Министерството за финансии, предводен од министерот Драган Тевдовски, како и гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска.

Во соопштението на ММФ се наведува дека исправно е што предлог-буџетот за 2019 година е фокусиран на оддржливоста на пензискиот систем, промовирањето на социјалната еднаквост и поддршката на вработеноста.

За промените во данокот на личен доход се вели дека го зголемуваат данокот на доход од капитал и ја подобруваат рамнотежата на даночниот товар меѓу лицата со висок и низок доход. ММФ исто така нотира дека, со цел подобрување на покриеноста и таргетирањето на социјалната помош, буџетот предвидува консолидација и замена на постоечките видови помош, вклучувајќи го и додатокот за трето дете, со гарантиран минимален доход базиран на потребите и со социјална пензија.

Понатаму, според мисијата, предложените пензиски реформи ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Според прелиминарните оценки на ММФ, овие мерки, заедно со поддршката за вработеноста и инвестициите, ќе резултираат со привремено зголемување на фискалниот дефицит на 3 проценти од БДП во 2019 година, и потоа негово намалување на 2,4 проценти од БДП на среден рок. Според основната проекција, јавниот долг ќе го достигне максимумот од 54,7 проценти од БДП во 2021 година.

ММФ препорачува постигнување на нула примарен дефицит на среден рок со цел постигнување на јасна надолна тракеторија на јавниот долг. Со цел долгорочна оддржливост на пензискиот систем, потребно е да се разгледаат дополнителни мерки како порестриктивни услови за предвремено пензионирање и покачување на возраста за пензионирање.

За ММФ охрабрувачки се и треба да продолжат неодамнешните реформи за зајакнување на управувањето со јавните финансии и подобрување на фискалната транспарентност. Исто така, се наведува дека мерките за зајакнување на рамката за мониторирање на неплатените обврски во јавниот сектор и предложените измени кои ги поврзуваат општинските буџети со реализацијата на приходите се чекори во правилна насока.