Младите од 12 до 14 години во земјава може да гласаат за најдобар филм за млада публика

Фото: Агенција за филм на РСМ

Земјава и оваа година, по седми пат учествува во оганизацијата на „Филмскиот ден на млада публика“. За таа цел, младите од нашата земја, кои се на возраст од 12 до 14 години и се љубители на филмот имаат можност да бидат дел од меѓународното европско младо жири и сите заедно да изберат најдобар филм за млада публика, информират од Агенцијата за филм на РСМ.

Сите заинтересирани треба да се пријават преку формуларот, да ги погледнат трите номинирани филмови и да гласаат за нивниот фаворит.

Трите номинирани филмови се: „Pinoccio“, на Матео Гароне (италијанско- француско – британска копродукција) 2019, „The crossing (Flukten over Grensen)“ на Јохане Хелгеланд (норвешка продукција) 2020 и „Wolfwalkers“, на Том Мур и Рос Стјуарт (ирско – луксембуршка – француска копродукција), 2020.

Во настанот учествуваат 38 земји ширум Европа а наградата за најдобар филм за млада публика ќе се додели на 25. април.