Да не се кратат средствата за филмска дејност, бараат македонски режисери и продуценти

И Агенцијата за филм се огласи со реакција и предложи заеднички со Министерството за култура да се преразгледаат и ревидираат одлуките

Извор на фотографија: Агенција за филм

Да не се кратат средства од буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм, бараат 70 македонски режисери и продуценти. Поддршка на повикот даде и Агенцијата за филм.

Во денешното обраќање до јавноста, потписниците велат оти со вчерашниот демант од Министерството за култура е потврдено дека ќе се кратат средства од буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм.

„Министерството изјавува дека наводно за финансиските средства кои сега ќе ги земе од Агенцијата за филм ќе преземе активности да ги врати до крајот на годината. Затоа уште еднаш нагласуваме дека средствата предвидени во буџетот за 2023 година ни се потребни веднаш и сега, а не во декември, уште помалку следната година“, се вели во обраќањето.

Проектите кои се веќе во реализација и оние чие снимање е предвидено да започне овој период не може да го чекаат евентуалното враќање на одземените средства на крајот од годината. На тој начин, колегите кои ги водат и се ангажирани на овие проекти ќе бидат во неизвесност дали и кога ќе ги добијат финансиските средства, велат потписниците.

И Агенцијата за филм се огласи со реакција и предложи заеднички со Министерството за култура да се преразгледаат и ревидираат одлуките на министерството.

„Во моментов најавени се два филма за снимање на локации во Македонија. Интернационалните екипи на земјите учесници кои се дел од овие проекти се веќе пристигнати во нашата држава. Финансиските средства кои се планирани за овие и останатите филмски проекти се потребни веднаш и не може да чекаат прераспределба на средствата помеѓу буџетските корисници и преземање на активности од страна на Министерството за култура до крајот на годината за исплата на договорените проекти“, порачува Агенција за филм.

Во соопштението се нагласува дека доколку овие планирани средства не се исплатат веднаш, се нанесува директна штета на самите проекти, бидејќи ќе се случи зголемување на буџетите изразено во илјадници евра и ќе се наштети на реномето на македонската кинематографија.

„Постојат трошоци за непречена реализација на филмовите кои мораат да бидат исплатени во текот на снимањето. Без прецизна и навремена динамика на исплата на ваквите трошоци не може да се одвива снимањето на било кој филмски проект насекаде во светот. Дополнително потсетуваме, филмските работници живеат единствено од хонорари, никаде не се вработени и не примаат плата“, велат од Агенцијата за филм.