Младите не се имуни на Ковид-19 покажува статистиката на светско ниво

SSUCv3H4sIAAAAAAAACpxSyW7DIBS8V+o/WJxjyRu201+JemCzjUL8LMCtoij/XsBLSNpTb7x5w7xtbu9vSYIoMZKhj+TmIxdLpWZjNbESRgfnhxXXYuRCOyTbEMGlBS2JikFKLBtGchEOHGelPHwPSWQssbMRJipGZW8ssPM0gIW4GuFARUjFKNeCXIyVQf2BigmMtEHDi+dRTUas6F2Tz1XXkU9LnGyJkHQ/XAqhQ4SZmQZsgxbxf/1cHp/7nL0Y2dX3do+61kIJsmzqtFDR+dsKfQlTrCQycwnRVF/AiPKEMlKatGRy7KNvYIdwxu0bg3m0+hp3jhTARKjyW+6cptjwgRjj6HzD40U708AlqjOCDQOsqoi7S/gwL4uibXFdlgVucFYdMxTbY5BOJ7SzNThPCggXvui+7d/GwW1VtgVu8b79Fw8thDqvH4RnO/1FeHXWyinCitdr7u52hSSPLyR9z4h1THS0a9MGNzStKoLTY9WUaU2zjOddyXHROX/cfwAAAP//AwDdoKH5jwMAAA==

Дванаесет годишната Ема од Атланта се бори за живот, откако резултатите покажале дека е позитивна на корона вирус, известуваат американските медиуми. Девојчето е дијагностицирано со пневмонија на 15 март, а првичните информации се дека таа не патувала и сѐ уште е непознато како се заразила со вирусот.

Од Светската здравствена организација (СЗО) постојано апелираат младите да избегнуваат собирање во групи, сѐ со цел да не дојде до проширување на заразата на повозрасни и поранливи лица.

„Имам порака за младите луѓе: не сте непобедливи. Овој вирус може да ве смести во болница со недели, дури и да ве убие“, изјави Тедрос Аданом Гебрејсус, генерален директор на СЗО.

Иако во почетокот се веруваше дека од вирусот заболуваат само повозрасните лица, сепак, статистичките податоци на светско ниво покажуваат дека никој не е поштеден во битката со корона вирусот. Случај на заразено бебе има во Канада и истото било пренесено во болница во Торонто.

Експертите од целиот свет се согласни дека младите треба да останат дома, бидејќи тие се изложени на ризик, исто како и сите останати.

„Ризикот од смрт од коронавирус ретко се појавува кај младите луѓе, со стапки на смртност под 1%, но не можете да предвидите кој ќе има фатална или тешка компликација“, изјавил Грег Поланд, професор по заразни болести на Клиниката Мајо во Минесота.

Претседателот на Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, д-р Ненад Лазаров, е дециден дека никој не е имун на корона вирусот.

„Погрешна беше интерпретацијата и сликата што се создаде во јавноста дека младите се имуни на Ковид-19. Никој не е имун. Во светот уште не е докажана природна отпорност. Дури се случува еден што ќе биде заразен, а подоцна излечен, повторно да се зарази со вирусот. Ова не е случај како сипаници, еднаш во животот ги имаме и подоцна сме отпорни на нив. Затоа е важно да им се објасни на младите дека и тие може да заболат од вирусот. Се работи за сериозна респираторна болест, ова не е обичен грип кој кај младите ќе помине само со течење нос и кашлање“, додава Лазаров.

Медицинските истражувања покажуваат дека младите што ќе се заразат со корона вирусот ќе имаат полесна клиничка слика, за разлика од повозрасните лица, појаснува докторот.

За фактите говорат и податоците од извештајот на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести. Заклучно 11 февруари 2020 година, утвдено е дека од 72.314 заразени лица, 549 од нив се на возраст од 10 до 19 години. Додека пак, 3.619 биле на возраст од 20 до 29 години.

Анализирани податоци од случаи пријавени од 49 држави, округот Колумбија и три територии на САД до Центарот за контрола и превенција на болести кажуваат слични резултати. Во периодот од 12 февруари – 16 март, статистиката покажува дека 29% од 2.449 лица биле на возраст од 20 до 44 години. Додека пак во Јужна Кореја, заклучно 19-ти март имало 8.565 потврдени случаи. Шеесет проценти од заразените биле жени, а скоро третина од случаите се луѓе на возраст меѓу 20 и 29 години.

Стефани Спирковска, претседателка на Младинскиот образовен форум (МОФ), вели дека е очекувано однесувањето на младите, бидејќи се ставени во нова динамика на функционирање. Тие се научени да функционираат во групи, а сега се во ситуација каде што се ставени во ограничен простор со ограничени можности, вели таа. Не е сигурна колку препораките стигаат до младите, а тоа го смена како важен сегмент во оваа ситуација.

Стефани Спирковска

„Би напоменала дека клучна улога имаат и медиумите. Треба да имаат предвид кога известуваат и ги адресираат овие содржини, дека тие треба да дојдат и до најмладите. Тука зборуваме за онаа група на основци и средношколци кои во моментов, ситуацијата ја сфатија како распуст, а не како сериозна закана за своето и јавното здравје. Исто така, треба да има постојана комуникација помеѓу наставниците – родителите и децата“ – вели Спирковска.

Колку и да е природно и очекувано младите да бидат бунтовни и потешко да ги поднесуваат ограничувањата што се воведуваат, од голема важност е постојано да се укажува дека тие се од интерес на сите и имаат единствена цел – превенција од ширење на корона вирусот.

Бојан Кордалов

„Она што светските власти веќе го разбираат е фактот дека со младите и овој пат треба да се комуницира како со рамноправни партнери. Да им се изложат фактите, последиците, да се вклучат во процесите и да се побара од нив, како што тоа се прави со возрасните или старите лица, да се повикуваат да помогнат и дадат поддршка во целиот процес“, изјави експертот за социјални медиуми, Бојан Кордалов.

Тој ги оценува како позитивини креираните видеа и информации кои речиси цела недела ги следиме на социјалните мрежи, а се директно упатени кон младите, особено на оние од генерација Z (родените по 1997 година и особено оние кои се родени во новиот милемиум).

„Вакви информации и обраќања има од светските здравствени власти, врвни политичари, но и други влијателни личности. Целта е да се изложи целокупната ситуација и важноста од справувањето со оваа криза, битка која не може никако да се добие без младите“, додава Кордалов.