Младите на прво место во говорите на политичарите, но на последно место на агендите на институциите

Младите и понатаму се соочуваат со невработеност и недоволна вклученост во процесите на донесување на одлуки во институциите, а деликвенцијата е исто така загрижувачки проблем. Порталб.мк ги анализира главните моменти од 2023 година во однос на младите

该图片由StockSnapPixabay上发布

Младите од Северна Македонија беа на прво место во говорите на политичарите и во 2023 година, но на последно место на агендите на институциите и со бројни проблеми. Младите и понатаму се соочуваат со невработеност и недоволна вклученост во процесите на донесување на одлуки во институциите, а деликвенцијата е исто така загрижувачки проблем. Порталб.мк ви ги носи главните моменти од 2023 година во однос на младите.

Невработеноста – горлива рана на младите

Дека невработеноста е главниот проблем на младите во земјава покажува и Извештајот на Европската комисија за 2023 година  за Северна Македонија на нејзиниот пат кон евроинтеграциите. Покрај другите предизвици и проблеми, посебен акцент се става на невработеноста и тешкотиите за влез во пазарот на труд. Според Извештајот препораките од минатата година се делумно имплементирани, па во него се наведува дека „во наредната година треба да продолжи имплементацијата на Младинската гаранција, како и мерките за активирање на ранливите групи и да се создадат системи за правилна евалуација на мерките“.

Најголемиот дел од младите во земјава работат на позиции кои не се поврзани со областа за кои тие студирале, а тренд кој преовладува кај младите се честите промени на работните места. Над 80% од младите сметаат дека континуираното учење и напредување се клучот за да се биде конкурентен на пазарот на трудот.

Земјава има бројни таленти во секое поле, но тие најчесто си заминуваат од Македонија во потрага по подобар живот, и на овој начин доаѓа до недостаток на работна сила. За ова е потребна стратегија , за тие да не си заминуваат, туку својот придонес да го дадат во својата земја и да ја носат земјата напред. Освен потребата од една стратегија, потребно е и земјата да го зголеми квалитетот на животниот стандард со цел младите да останат во земјава и да го носат својот придонес.

Институциите мора целосно да се отворат за младите луѓе и нивните барања и идеи, додека пак студентите со конкретни активности за подобрување на јавните услуги мора да покажат дека навистина имаат што да понудат за позитивни промени во општеството.

Младина запоставена од институциите

Дека младите, политиките за младите, фондовите и што е најважно нивната имплементација, се на дното на агендите на институциите покажаа и низа истражувања, студии, aнализи, а оние кои треба да одговорат за невклучувањето на младите се правдаат со бирократските процедури.

Истражувањето на Форумот за промени во образованието спроведено кај млади луѓе на возраст од 17-24 години откри дека мнозинството од младите во Скопје, Тетово и Гостивар не се чувствуваат важни за институциите и политичарите, што предизвикува низа други проблеми поврзани со нив, почнувајќи од образованието, донесувањето на одлуки, спроведување на законите и многу други.

Студентите од двата универзитети во Тетово минатата година, во отсуство на друго активности, времето најмногу го поминуваа по кафулиња. Студентскиот живот за нив беше неинтересен.

Прекршување на законот за малолетничка правда, зголемено деликвентно однесување

Истражувањето на Порталб.мк кое беше презентирано во месец февруари покажа дека во Северна Македонија иако според Законот за правда на децата општините се должни да формираат општински совети за превенција на детската деликвенција, во пракса ова не се спроведува, па така од вкупно 81 општина во државата, само 33 ја формирале такви совети. Според институциите, за овој прекршок не е казнета ниту една општина. Властите во земјава не прават доволно во однос на спречувањето на детската деликвенција, велат експертите.

Порталб.мк ја истражуваше оваа појава и во полошкиот регион, каде што статистичките податоци се застрашувачки, а институциите само ја префрлаат одговорноста од една на друга.

Една друга анализа на Порталб.мк во месец март покажа дека употребата на наркотични супстанции од страна на младите и средношколците, па дури и основците, во Тетово и неговата околина е зголемена. Порталб.мк во октомври објави потресна приказна за 21-годишен тетовец кој ги загубил своите пријатели како последица на употребата на дрога. Тој раскажа за причините што го натерале на такво однесување и како се спасил од дрогата. Тој апелираше до сите: Спасете се дури не е предоцна!

Депресија и анксиозност

Истражувањето за менталното здравје на децата и нивните родители за време на пандемијата со Ковид покажа дека секој трет тинејџер изјавил дека има симптоми на депресија. Девојчињата, за разлика од момчињата, имале шест пати поголеми шанси да манифестираат симптоми на депресија. Околу 42% од тинејџерите изјавиле дека доживеале од умерени до тешки симптоми на анксиозност.

TикТок скандалот во тетовската болница го вклучи алармот за тоа како и за што се користат социјалните мрежи во време кога развојот на дигитализацијата се одвива со засилено темпо. Најголема загриженост има за тоа какви слики гледаат на оваа социјална мрежа младите и децата, кои се поранливи од нејзината употреба и последиците што може да произлезат. Eкспертите истакнаа дека младите се соочуваат со депресија и анксиозност поради злоупотребата на социјалните мрежи. Затоа, потребна е поголема едукација на младите за користењето на социјалните мрежи.

И трагедијата што се случи во Србија, каде што едно малолетно дете уби девет лица со пиштол, крена голема врева на социјалната мрежа на ТикТок, предизвикувајќи многу реакции и коментари кои го вклучуваат aлармот за тоа како младите ги користат социјалните мрежи и за последиците од нивното користење.

Младите во Северна Македонија имаат потреба за политичка едукација бидејќи кај нив има сериозен авторитаризам, особено кога станува збор за вредностите што ги засегаат, етичките/националните теми или демократското управување со државата. И минатата година се одржа школата за политика во Претседателскиот центар за политичко образование.

Малку светлина на крај на тунелот

Годината започна со добри вести бидејќи 14-годишниот млад гостиварчанец Aнди Исмаили и ја донесе на земјава титулата светски шампион во модерен танц, награда која ја донесе по втор пат.

Во текот на изминатата година се одржаа голем број активности од страна на невладините организации на различни теми и проблеми во чиј фокус беа младите. Имаше различни иницијативи и проекти за активирање на младите за различни теми, во и надвор од државата. Во Тетово продолжија дискусиите за книгите чии автори се жени.

Минатата година младите беа активни на повеќе полиња носејќи различни иновации, новини за државата и еколошки решенија.

Фондацијата Метаморфозис беше многу активна, се одржаа низа обуки со млади луѓе од областа на новинарството. Се одржаа и дебати на други теми, со фокус на вештачката интелигенција, кибернетската безбедност, социјалните мрежи, дигитализацијата во образованието. Исто така, се одржа и 19-тото издание на меѓународната конференција кое беше отворено со дебата за млади „Сајбер шејк: „Зошто да се учи кога има вештачка интелигенција“?

И во годината што измина беа доделени наградите за младинско учество и за најуспешните млади лица.

За крај, Порталб.мк направи и едно интервју со експертката за безбедност за Западен Балкан, Бojана Зориќ. Таа нагласи дека младите претставуваат критички глас во справувањето со денешните безбедносни предизвици. Исто така порача: „Не се откажувајте и секогаш знајте кои се вашите права и знајте што можете да направите. Вие сте огромно богатство за секое општество, колку поупорни сте во пренесувањето на вашиот глас до носителите на одлуки, толку повеќе можности ќе имате“.

Што во 2024?

Сите горенаведени проблеми ќе ја придружуваат земјата и во 2024 година. РСМ го има пред себе големиот предизвик дали ќе успее да ги задржи младите во земјава или и во оваа година тие ќе продолжат да си заминуваат.

Невработеноста останува голем проблем. Младинските политики во 2024 година мора целосно да се имплементираат и да не бидат делумно имплементирани или да останат само на хартија. Треба да се подобри и вклученоста на младите во одлучувањето. И менталното здравје на младите останува предизвик. Деликвентното однесување кај младите и употребата на наркотични супстанции ќе биде проблем кој мора посериозно да се реши. Бидејќи 2024 година ќе биде и година на двојни избори, од политичарите ќе слушнеме многу. Но каков ќе биде резултатот допрво ќе се види.