Младите мора да ја запознаат природата за да ја засакаат и да знаат како да ја зачуваат

Фото: Мета.мк

Екологијата мора да стане дел од формалниот образовен систем. Природата треба да се доближи до младите од најмлада возраст за да можат правилно да ја разберат, засакаат и да работат на нејзино зачувување. Едукацијата и позитивниот пример од повозрасните, семејството или активистите се клучни младите луѓе да ги забележат сите аномалии во општеството и околината за да можат да работат на нивно надминување.

Ова се дел од пораките од завршната конференција „Здружено за поздрава животна средина“ што ја организираа Институтот за комуникациски студии и Македонското еколошко друштво. Млади од повеќе училишта од различни градови низ земјава на настанот споделија искуства како со своите волонтерски акции придонеле за менување на свеста и перцепцијата за животната средина во својата локална заедница, но и добија совети од повозрасните активисти како да ја продолжат борбата за почиста средина и да ги натераат медиумите и институциите да слушнат за нивните активности.

Според Горјан Јовановски, долгогодишен активист и творец на апликацијата „Мој воздух“, годините или неискуството не се причина да не се замат работите во свои раце. Во време на развиена технологија и достапност до различни социјални медиуми, младите имаат одлични алатки нивниот глас да се слушне.

Фото: Мета.мк

„Секој млад човек со телефон во рака е медиум сам за себе, кој без можност да биде цензуриран може да ја крене свеста за проблемите во животната средина и да упати пораки кои ќе стигнат до голем број на луѓе, вели Јовановски.

За Аријанит Џафери, екологист од тетовската „Еко герила“, неискуството на младите не е проблем, туку е инспирација за внесување на покреативни и нови идеи во активизмот. Партнерството со медиумите во овој процес, смета Џафери е суштински. Тој го посочи примерот на Тетово, град кој пред неколку години беше на врвот на светските листи според загаденост, а сега, после години притисок и борба на граѓанските активисти и младите со поддршка на медиумите, загадувањето е намалено за 60 отсто, а воздухот што го дишат жителите на градот е со многу подобар квалитет.

Фактот дека повеќе од половината од комуналниот отпад во земјава е храна, како и дека една третина од храната која ја подготвуваме ја фрламе, додека има илјадници гладни луѓе, е знак дека промените треба да почнат од нас. Семејството и училиштата се местото каде што вредностите и љубовта кон природата мора да се создадат и да бидат расадник за нови активисти и волонтери.

„Да не зборуваме, туку и да делуваме. Не можеме да чекаме некој друг да ја заврши работата која е наша, да ни ги исчисти ѓубрето или воздухот. Потребни се реформи во образованието, од најмали нозе да се вроди желбата за почиста животна средина. Граѓанскиот активизам е двигател во општеството и коректор на институциите“, вели Мила Младенова, млада европска амбасадорка.

Младите мора да разберат дека градот ни е дом, а не адресата на живеење, вели Марија-Магдалена Петковска- Микаровска, професор и еко-активист и посочува дека не смееме да дозволиме да го вртиме погледот кога ќе видиме ѓубре на улица или да помислиме дека тоа не е наш проблем. Едукацијата, смета, е клучна за младите, кои мора да видат позитивен пример, да бидат активни и да наоѓаат решенија за проблемите.