МКЦ Битола се домаќини на 15 волонтери од пет земји од Западен Балкан

Фото: МКЦ Битола

Волонтерството е глобален феномен, тоа е паметно вложување на време и капацитети во заедницата, велат од МКЦ Битола. Тие деновиве се организатори на Меѓународен волонтерски камп Битола отворен град.

„Домаќини сме на 15 волонтери од пет земји од Западен Балкан. Интеркултурното учење, растот и развојот на младите во креативна и ангажирана средина се основни карактеристики на кампот. Самиот камп промовира соработка, помирување и надминување на етничката дистанца помеѓу младите од Балканот. Волонтерите ќе бидат вклучени во логистичка и техничка поддршка на настаните на фестивалот, во промотивни активности на терен, како и во поддршка на уметниците кои ќе бидат присутни на фестивалот. 15 млади лица со различна образовна, економска, социјална и културна позадина истражуваа значајни културни споменици и нивните приказни во Битола,“ се вели во соопштението.

Кампот е со поддршка на Регионалната канцеларија за младинска соработка РИКО во рамките на регионалната програма за размена на волонтери ПАТ Западен Балкан 6 (ROUTEWB6) финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.