Со цел да се подобрат професионалните стандарди на онлајн медиумите, Мисијата на ОБСЕ во Скопје го поддржа Советот за етика во медиумите (СЕММ) во изготвувањето на Насоки за етичко известување на онлајн медиумите, кои денеска беа објавени во Скопје.

Насоките изготвени по широка консултација со медиумската заедница во Северна Македонија, ќе помогнат во развојот на солиден и кредибилен систем за саморегулација на медиумите на Интернет и зајакнување на независното, професионално и одговорно известување на Интернет.

„Етичките стандарди треба да се применат на сите медиумски платформи бидејќи етичките предизвици на новинарството се валидни и офлајн и онлајн“, рече Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Извршната директорка на Советот за етика во медиумите, Марина Тунева, вели дека во сите демократски општества саморегулацијата е најдобриот начин да се зголеми одговорноста на онлајн медиумите и да се превенира носењето непотребна медиумска регулатива. Околностите, како во работењето на традиционалните, така и во онлајн медиумите, брзо се менуваат што бара постојано унапредување на етичката рамка.

„Се надеваме дека овој саморегулаторен инструмент ќе ги мотивира онлајн медиумите да ги опфатат вредностите на професионалното и одговорното новинарство во својата работа. Целта на Насоките е да послужат како инструмент којшто ќе помогне во решавање на дилемите околу аспектите поврзани со новинарските содржини што се објавуваат онлајн. Тие аспекти не се опфатени или не се објаснуваат детално во сегашната етичка рамка. Суштинска задача на нашиот Совет е да се зајакне и да се врати јавната доверба во новинарството. Во оваа смисла, ќе продолжиме да се залагаме за примена на етичките стандарди ширум различните медиумски платформи“, заклучи Тунева.

Насоките, достапни на https://semm.mk/pravna-ramka-4/2015-11-01-07-10-08/kodeks/850-nasoki-za-etichko-izvestuvanje-na-onlajn-mediumite, се однесуваат на сите информации и содржини што ги објавуваат онлајн медиумите, на социјалните мрежи или други онлајн платформи.