Фото: Photo by Mufid Majnun on Unsplash

Откако опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ утрово излезе со соопштение во кое тврди дека државните лаборатории во земјава се оставени без реагенси и го постави прашањето дали се прават доволно ПЦР тестови, од Министерството за здравство стигна демант на тврдењето на опозицијата дека граѓаните молат за термин за тестирање.

„Министерството за здравство ги осудува лагите кои ги пласира партијата ВМРО-ДПМНЕ и ја повикува опозицијата да престане да шири паника во јавноста и вознемиреност кај граѓаните. Апсолутна лага е дека државните лаборатории немаат реагенси за ПЦР тестови. Апсолутна лага е дека се чека за термин за тестирање. Во земјава дневно може да се прават 4-5.000 тестови за ковид-19 и сите закажувања се реализираат тековно, а резултатите се објавуваат за најмногу 24 часа“, информираат од Министерството за здравство.