Бугарска виза за 2009-2010 година во пасошот на Петар Богојески, претседател на Македонски концепт, како наводен доказ дека нема бугарски пасош | Фото: Петар Богојески, ФБ профил

Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски, при денешната посета на Штип, прашан за наводите на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов дека Милошоски и неколку други пратеници, функционери на ВМРО-ДПМНЕ или нивни роднини, имаат бугарски пасоши, одговори дека тоа е обид за дефокусирање на јавноста од големата афера со кинеските вакцини.

И претседателот на Македонски концепт, Петар Богојески, рече дека тој нема и немал бугарски пасош, а настапот на Каракачанов го оцени како „удбашки методи“.

Каракачанов во објавата потсетува дека бугарски пасош и државјанство се добиваат со изјава за бугарско потекло и самоопределување како етнички Бугарин. Сепак, можно е и случајно совпаѓање на имињата од списокот со имињата на истакнатите политичари, напиша Каракачанов

„Пратениците на ВМРО ДПМНЕ се граѓани на Република Македонија и само на Република Македонија, но кога има скандал за фантом фирми и фантом вакцини има и список за фантом пасоши. Ова е слаб обид да се дефокусира јавноста од коруптивната афера за набавка на вакцини од фантомска фирма преку која требало да направи голема милионска трансакција со која премиерот и Министерството за здравство сакале профитираат наместо да обезбедат вакцини“, одговори Милошоски при неговата посета на Штип.

На директното прашање дали тој има бугарски пасош, тој го повтори веќе кажаното.

„Пратениците во ВМРО ДПМНЕ имаат само и само македонски пасош и гласаат во РМ и тоа ни претставува особено чест и задоволство. Секој може тоа да го докаже“, рече пратеникот.

Богојески пак, во пишано обраќање рече оти станува збор за невистини и напади „со удбашки методи“. Тој директно негираше и други наводи од Каракачанов за него и рече дека таквото однесување ќе го натера „да ги растури како бугарска скупштина“.

“Каракачанов веќе ја преминува црвената линија. Со овие удбашки методи на црнење на моето име ништо нема да постигнеш, напротив уште повеќе ме мотивираш да ве направам турска туршија или да ве растурам како бугарска скупштина”, изјави Богојески.

Богојески покажа и бугарска виза од 2009-2010 година, што, вели тој, е доволен доказ дека немал бугарски пасош уште од 2002 година, оти да било така, не би требало да вади виза.