Со новите измени во Кривичниот законик застареа делата на 10 обвинети за случајот „Моќник“

Антонио Милошоски беше еден од 13-те обвинети за случајот на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), познат како „Моќник“. Нему ќе продолжи да му се суди за второто дело, измама, додека делото за злоупотреба на службата застарува

Фото: Мета.мк

Антонио Милошоски се спаси од едно обвинение, со новите измени на Кривичниот законик, со кој за делото за злоупотреба на службената положба апсолутна застареност настапува по 10 години (наместо како претходно, за 40 години). Милошоски беше еден од 13-те обвинети за случајот на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), познат како „Моќник“. Нему ќе продолжи да му се суди за второто дело, измама.

Судот денеска и официјално донесе решенија со кои за 10 обвинети во случајот „Моќник“ постапката се запира заради застареност, додека за тројцата обвинети,  Милош Милошоски, Милосим Војнески и Антонио Милошоски судењето за кривичното дело „измама“ продолжува.

„На денешната главна расправа за предметот со КОК бр. 2616/20 од познат како „Моќник“, надлежниот јавен обвинител кај 10 од обвинетите изврши преквалификација на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.2 вв со ст.1 вв со чл. 22 од КЗ во чл. 353 ст.1 од КЗ и согласно одредбите од чл. 107 и чл. 108 од КЗ побара примена на поблагиот закон“, информираат од Основен кривичен суд Скопје.

Судот, постапувајќи по предлогот на јавниот обвинител и согласно одредбите од КЗ донесе решенија со кои за обвинетите постапката се запира заради застареност, додека за тројца од обвинетите – М.М., М.В. и А.М. судењето за кривичното дело „измама“ од чл. 247 ст.4 вв ст.1 вв со чл. 22 од КЗ продолжува на следната расправа насрочена за 9 и 28 ноември 2023  година во 10:00 часот.

Според обвинението на поранешното СЈО, сите 13 лица се товареа за вмешаност во нелегална продажба на објект во село Ижишта, Општина Македонски Брод, кој го користела општина Пласница. За „Моќник“ истрагата ја водеше обвинителката Фатиме Фетаи.

„Третообвинетиот искористувајќи ја својата позиција на пратеник вршел континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите, за да не се поништи купопродажбата и успеал во тоа. На 27.10.2011 година, првообвинетиот писмено се обратил до советот на општина Македонски Брод со барање да донесат одлука за продажба на задружниот дом во Ижиште и лажно во барањето навел дека тој веќе го користи тој простор, сопственост на општината и сака да отвори сопствен бизнис, иако знаел дека објектот е всушност руинираниот дел запишан во катастарот на недвижностите кој го користел градоначалникот и општинската администрација на општина Пласница и Управата за водење на матични книги. На 28.10.2011 година советот на општина Македонски Брод ја одржал 33-тата седница, на која се разгледувало барањето од првообвинетиот, притоа збор земал второобвинетиот и лажно презентирал дека се работи за објект кој на барателот му бил даден на користење на 30 години од претходниот совет, а за што имало договор, па за да може да се направи вложување во објектот второобвинетиот побарал од советот да донесе одлука и да му се продаде објектот на првообвинетиот преку јавна лицитација“, стоеше во обвинението.