Красимир Каракачанов | Фото: WikimediaCommons

Красимир Каракачанов, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, како и претседател на бугарската националистичка партија ВМРО-БНД на својата Фејсбук страница претпладнево објави имиња на гласачи на претстојните избори во Бугарија. Во списокот се препознаваат имиња идентични на имињата на функционери и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ или, пак, нивни блиски роднини. Каракачанов во објавата потсетува дека бугарски пасош и државјанство се добиваат со изјава за бугарско потекло и самоопределување како етнички Бугарин. Сепак, можно е и случајно совпаѓање на имињата од списокот со имињата на истакнатите политичари напша Каракачанов. ВМРО-ДПМНЕ реагираше и негираше дека станува збор за нејзините функционери.

„Избирачките списоци, во коишто се запишани сите бугарски граѓани, се јавна информација и секоја бугарска општина е задолжена со закон да ги наведе сите, физички и онлајн, сите што имаат право да гласаат [на претстојните парламентарни избори] и живеат на нејзина територија. Деновиве почнав да „копам“ по сајтовите на бугарските општини и само бегол поглед на објавените избирачки списоци е доволен да се откријат многу интересни имиња, сите на луѓе од Македонија, што добиле бугарско државјанство на основа на декларирано од самите нив бугарско потекло и што се самоопределиле како етнички Бугари“, напиша Каракачанов на Фејсбук, наведувајќи ги имињата.

„Александар Николоски – запишан во реон Средец – Софија,
Антонио Милошоски – запишан во реон Вазараждане – Софија,
Никола Мицевски – во Ќустендил,
Стефан Андоновски – Ќустендил,
Марија Андоновска – Благоевград,
Љупчо Димовски – Ќустендил,
Бојан Стојановски – Благоевград,
Иван Јорданов – Ќустендил,
Игор Здравковски – Ќустендил,
Марија Петрушевска – Средец,
Дајанчо Ефтимов – Благоевград,
Здравко Трајанов – Благоевград,
Александар Пандов – Средец,
Петар Богојески – Обориште,
Филип Петровски – Средец,
Стевица Јанева – Петрич,
Тало Груевски – Благоевград“.

„Секој може сам да провери кои се лицата што се споменуваат. Се разбира, секое совпаѓање со имиња со луѓе коишто заземаат раководни политички и јавни функции во Македонија можно е да е случајно. Ако, сепак, не е совпаѓање и овие луѓе се тие на коишто мислам, се надеват дека тоа исто така е по редот на нештата. Сакам да верувам дека повеќе не е престап против „македонската чест“ ако македонски политичар, општественик или некој негов близок, крвен роднина се декларира слободно како етнички Бугарин без да биде хулен, навредуван и да се подгиваат со него поради тоа“, пишува Каракачанов, кој вели дека во Македонија има 120.000 бугарски државјани.

ВМРО-ДПМНЕ негираше дека наведените нивни членови на раководството имаат бугарски пасоши. Велат, ниту еден од наведените нема бугарски пасош.

„ВМРО-ДПМНЕ најостро ги демантира лагите кои Красимир Каракачанов ги објавува на својот фејсбук профил. Ниту еден од посочените функционери на ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, што само покажува дека неговата денешна објава е класична лажна вест“, велат од опозициската партија.

Тие сметаат дека очигледно Каракачанов воден од својата антимакедонска политика имал за цел да оцрнува и да фабрикува невистини против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ била политичка партија во Македонија која остро се спротивставувала на неговите негации на македонскиот јазик, македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонската историја.

Партијата вели дека ваквиот настап на Карачанов е симптоматичен, оти доаѓа во време кога власта во Македонија „се дави во огромни скандали“.

„Она кое што е симптоматично е што ваквата објава доаѓа токму во време кога владата на Заев, кој самиот има изјавено дека го смета Каракачанов за пријател, се дави во огромни скандали. Ова покажува дека Зоран Заев освен што е во коалиција со мафијата во Македонија е во блиска коалиција и со сите негаторски и антимакедонски сили. Секогаш кога Заев е загрозен од некој скандал, како што е обидот за коруптивна набавка на вакцини, неспособност да се справи со здравствената и економската криза, падот на рејтингот на СДСМ или кога излегува некоја афера како што е набавката на софтвер од страна на Драги Рашковски, се појавува некој лик како Красимир Каракачанов да му фрли гума за спасување“, порача најголемата опозициска партија.

Парламентарните избори во Бугарија ќе се одржат за помалку од еден месец, на 4 април 2021 година.