fbpx

Мицкоски многу сигурно навестуваше дека ќе има предвремени избори

-

Изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во којашто вели дека не рекол дека ќе има предвремени избори, според проверката на Вистиномер е полувистинита. Изјавите на Мицкоски од декември и јануари, сепак укажуваат на тоа дека тој со прилично голема доза на сигурност ја уверувал јавноста дека има доволен број пратеници од партиите на власт, со кои би направил ново мнозинство за да се изгласа недоверба на Владата, по што би имало предвремени избори. Иако, за волја на вистината, секогаш оставал некоја мала ограда, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

СДСМ се обидува да ја дефокусира јавноста и манипулира дека сум рекол дека ќе има предвремени парламентарни избори, изјави во текот на изминатиот викенд Христијан Мицкоски – лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а проверката на „Вистиномер“ утврди дека станува збор за полувистина.

Многу бевме внимателни и цело време внимававме што зборуваме и цело време велевме дека има сигнали од пратеничката група на СДСМ и коалиционите партнери дека се незадоволни од односот на раководството на Владата на ДУИ поддржано од СДСМ и дека може кога ќе дојде денот да излезат надвор од таа Влада. И сега тие знаете што сакаат тука да ги растураат пердувите па да речат еве Мицкоски кажа, а не сум кажал, дека ќе има предвремени избори, па на тој начин да ме девалвираат мене, изјави Мицкоски.

[Извор: ТВ 21 – Изјава на Мицкоски; Датум – 25.02.2023]

 

Образложение:

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање поврзано со претходно соопштение на СДСМ, демантира дека рекол со сигурност дека ќе има доволно пратеници за да се изгласа недоверба на Владата и дека потоа ќе следуваат предвремени избори.

Тој всушност реагираше на тврдењата од СДСМ дека ја лажел јавноста во врска со предвремените избори што беше пласирано на 24.02.2023 година ден пред неговата изјава, при што од партијата на власт меѓу другото соопштија:

Пропаднаа сите лажни изјави на Христијан Мицкоски дека ќе има ново мнозинство, дека собранието ќе се распушти, дека владата само што не паднала.

Се покажа дека единствената тема за предвремени избори и зголемено парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ на која Христијан Мицкоски ја базираше својата политика во изминатите 2,5 години е всушност само борба за фотелја и ништо друго (Извор: СДСМ, 24.02).

Со оглед на фактот дека најавите на Мицкоски беа пред релативно кратко време, околу месец и половина до два, „Вистиномер“ направи проверка што тогаш говорел лидерот на најголемата опозициска парламентарна партија.

Неоговата изјава од два дена пред Новата 2023 година, новинарите ја протолкувале како да рекол дека има парламентарно мнозинство и дека ќе има избори. СДК. мк со наслов Мицкоски тврди дека овој пат има 61 пратеник за да ја турне владата во јануари или февруари и оти избори ќе има на 14-ти мај“, ја пренесува изјавата на Мицкоски со која тој прилично сигурно ја уверува јавноста дека има јасни сигнали и од пратеници од СДСМ и од ДУИ кои се незадоволни и би дале поддршка за соборување на Владата:

Има пратеници во Владата на кои даваат јасни сигнали да се стави крај на оваа влада на ДУИ поддржана од СДСМ. Даваат сигнали во моментов, да поддржат недоверба на Владата, потоа и распуштање на Парламентот и да се организираат нови предвремени парламентарни избори. Не можам да зборам за повеќе детали со оглед на тоа што имаме комплетно дуизирано обвинителство и сдсмизирано судство, кои со органите на прогонот ќе вршат притисок врз овие луѓе, кажа Мицкоски.

Мицкоски побарал трпение од јавноста, поради стравот кај пратениците што му дале сигнали:

Молам за трпение за да го истераме овој процес. Краен датум за предвремени избори се 14 и 21 мај. Што значи, втората половина на јануари, првата половина на февруари ќе се знае каква е ситуацијата. Конечно можеме да зборуваме за 61 пратеник за распуштање на Собранието, ако во меѓувреме тие немаат притисок.

Во почетокот на јануари 2023 година Мицкоски ја повторува изјавата од крајот на декември, со уште поубедителен став дека „огромно мнозинство“ од пратениците на владејачките партии сакаат брзи предвремени избори:

Огромно мнозинство од пратениците на СДСМ и ДУИ рефлектираат позиција дека сакаат да има предвремени парламентарни избори, да дојде крајот на оваа влада. Имајќи го предвид карактерот на ДУИ и на СДСМ, имајќи предвид токму она што сега го зборував, октроираното обвинителство и судство и методите на кои што се спремни за да ги задржат фотелјите, јас не би одел понатаму со имиња. Затоа што ценам дека ова што нас не охрабрува, на нивните позиции за предвремени парламентарни избори ќе додржат до крај и кон крајот на јануари месец, најдоцна почеток на февруари ќе изгласаме распуштање на Парламентот, средината на февруари формирање на техничка Влада и избори, таму некаде, втората половина на мај месец – изјави Мицкоски а пренесува Нетпрес.

И не само Нетпрес, туку и повеќе други медиуми го разбрале Мицкоски дека е сигурен дека ќе има ново парламентарно мнозинство со кое ќе предизвика предвремени избори, за што сведочат и насловите што може да се прочитаат тој ден на агрегаторот Тајм.мк.

Изјавите што ги пренесуваат медиумите, а кои се кажани од Мицкоски во текот на декември и јануари може да се оценат како прилично сигурна најава од лидерот на опозицијата дека има сигнали за доволно убедливо парламентарно мнозинство да се изгласа недоверба на Владата и дека ќе има предвремени избори.

Сепак детална анализа на изјавите покажува дека Мицкоски секогаш оставил по една мала ограда од типот „методите на коишто се спремни да ги задржат фотелјите“ или „Не можам да зборам за повеќе детали со оглед на тоа што имаме комплетно дуизирано обвинителство и сдсмизирано судство, кои со органите на прогонот ќе вршат притисок врз овие луѓе“, така што не може во целост да се тврди дека Мицкоски рекол дека ќе има избори како апсолвирана, готова работа. Но и покрај тоа, неговите изјави се прилично уверливи и изборите ги најавува како речиси готов факт.

Оттука, методолошки гледано, може да се даде оценката полувистина за изјавата на Мицкоски од 25.02.2023 во која тој вели дека „еве Мицкоски кажа, а не сум кажал, дека ќе има предвремени избори па на тој начин да ме девалвираат мене“.

Патем, барањето и најавите за предвремени избори и распуштање на власта се константа во секојдневните комуникации на ВМРО-ДПМНЕ со јавноста веќе со години наназад.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...