Фото: Amal Graafstra/Flickr https://www.flickr.com/photos/28129213@N00/7267159/in/set-181299/ under the license: https://creativecommons.org/licenses/by-sa/2.0/#

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

На некои грчки блогови и вебсајтови се прошири информација дека наводно парламентот на Мичиген изгласал закон со кој жителите на оваа американска сојузна држава ќе мора да бидат чипирани, односно да им се вгради идентификациски чип (RFID). Оваа „информација“ е всушност сериозна дезинформација, посочува грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr во својата анализа, во која се занимава со уште една дезинформација во спорните текстови на грчки јазик – дека RFID чипот предизвикува рак.

Претставничкиот дом на Мичиген навистина на 24 јуни годинава изгласал закон што се однесува на RFID чипирање, но со него всушност се предвидува дека човек може да се чипира само со негова согласност. Тој закон всушност е обид да се заштитат вработените во некои технолошки компании коишто сакале да ги чипираат и без нивна согласност, и законот овозможува заштита на приватноста на вработените, пишува ellinikahoaxes.gr, цитирајќи го образложението за законот заведен под бројот 5672.

„Закон што им забранува на работодавачите да им наложуваат на вработените и идните вработени да имплантираат или на друг начин во своите тела да внесат уреди, како услов за вработување или за добивање придобивки поврзани со вработувањето; им забранува на работодавачите да вршат дискриминација во поглед на условите и придобивките од вработување кај оние вработени што ќе одбијат во нивните тела да се имплантира или на друг начин во телото да се внесе уред; и обезбедува правна заштита“, стои на почетокот на законот.

Дополнително, во дезинформациите објавени на грчки јазик стоело и дека RFID чипот предизвикува рак.

„Наводите за рак кај луѓето од RFID чиповите немаат никаква научна поткрепа. Покрај тоа што станува збор за нејонизирачко зрачење, единствените студии што ја истражувале опасноста од појава на рак поради овие трансмитери се изведени на лабораториски животни, пишува ellinikahoaxes.gr, линкувајќи две студии – тука и тука.