Мета факт: Ветениот ученички дом во Струмица чека на изградба, активностите се во тек

Фото: Фејсбук профил на СОУ „Димитар Влахов“

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов во периодот пред локалните избори во 2021 година, вети изградба на нов ученички дом во дворот на училиштето за средно образование „Димитар Влахов“. Во овој момент дом на таа локација нема, но, во тек се активностите за изградба и се работи на ова ветување, па врз основа на тоа, исполнувањето на ова ветување оценуваме дека е во тек.

Во изјава за медиумите во предизборната кампања на 9 октомври 2021 година, тогашниот кандидат за градоначалник Костадинов, изјави:

„Во дворот на земјоделското училиштето СОУ „Димитар Влахов” од Струмица и врз основа на потребите на истото, планирано да биде сместен нов ученички дом. Со реализација на ученичкиот дом се подигнува основната инфраструктура за спроведување на дуалното образование. Со овој потег се олеснува пристапот до училиштето и компаниите кои ја спроведуваат праксата на учениците кои имаат интерес да ја следат дуалната програма, а доаѓаат од пооддалечени места“, изјавил Костадинов. 

Тој кажа дека во приземјето на градбата планирано е да биде сместена кујна за подготовка на храна за корисниците на ученичкиот дом, гардероба и санитарни јазли за вработените, како и ресторански дел кој ќе ги опслужува и кадарот и учениците. Костадинов изјави дека предвидена е училишна библиотека за сите ученици од средното училиште, а на секој кат се предвидува и читална која учениците може да ја користат за завршување на секојдневните обврски поврзани со училишните задачи.

За тоа, во која фаза е во овој момент изградбата на објектот, се обративме до градоначалникот Костадинов, кој за Мета.мк кажа дека во моментот има избрано изведувач за првата фаза.

„Во оваа фаза предвидено е најпрво да се изврши рушење на стариот објект на локацијата каде е предвидена новата градба. Потоа следува изградба на карабина фаза што опфаќа темели, столбови и меѓукатна конструкција, па во текот на летниот период планирано е да се распише јавна набавка за втора фаза, која би опфатила-изградба на кровна конструкција, поставување на громобранска инсталација и согласно обемот на расположивите финансиски средства би се продолжило со ѕидарски работи и други фази кои следуваат (столарија, електрика, водовод и канализација, машинство-греење и ладење)“, рече тој.

Кога ученичкиот дом ќе ги прими своите први ученици-станари, засега останува неизвесно, бидејќи и Костадинов не знае прецизно кога би можело тоа да се случи.

„Вселување во новиот објект, односно негово завршување и ставање во употреба, најмногу зависи од тоа колку финасиски средства ќе бидат обезбедени од општински и други извори на финансирање за да се реализираат сите фази од изградбата. Јас лично не би можел да дадам одговор со точен временски период на завршување на изградбата, бидејки како што нагласив тоа зависи од обезбедување на финансиски средства. Инаку изградбата временски би можела да се заврши за три години“, изјави тој за Мета.мк.

Изградбата со сите фази (архитектура, електрика, водовод и канализација, машинство-ладење и греење), согласно проектантски цени од 2022 година, проектирано е да чини околу 90.000.000 денари. Во домот ќе може да се сместат 92 ученици.

Изградбата на новиот дом тој ја најави и на својот Твитер профил на 9 октомври 2021 година.

„Со ваков пристап, преку синергија на различни општествени аспекти со цел обликување на идните генерации, Општина Струмица ќе продолжи да создава нови можности и перспективи за своето поколение. Од срце, за Струмица“, напиша тој на Твитер.

Врз основа на одговорите до кои дојде Мета.мк, може да се заклучи дека исполнувањето на ветувањето за изградба на ученички дом на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов, е во тек. 

 

ИЗВОРИ:

Јутјуб канал на „Радио Струмица Нет“ (9.10.2021 година) Изјава на Костадин Костадинов: Костадинов најави изградба на нов ученички дом, проверено на 13.01.2023 година;

Струмица денес (9.10.2021 година) Коста Костадинов вети нов ученички дом во Струмица!, проверено на 13.01.2023 година;

Твитер профил на Костадин Костадинов, проверено на 13.01.2023.