Архивска фотографија на Сашо Мијалков од 10 октомври 2019 година | Фото: Мета.мк

На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи, денеска им беа изречени по две години казна затвор за случајот „Титаник 2“. Пресудата беше објавена во Кривичниот суд. Затворски казни од времетраење од две години, им беа изречени и на поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Сашо Срцев и на Влатко Сајковски. Тие се осудени за повреда на избирачкото право, а Сашо Мијалков за примање награда за противзаконито влијание.

Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

Првиот судски процес за случајот „Титаник 2“ заврши пред речиси четири години, со казни повисоки од изречените денес. Мијалков тогаш доби три години затвор, Тачи три години и два месеци, Ибраими доби четири и пол годишна затворска казна, а останатите членови на ДИК беа осудени на по три години затвор.