fbpx

Мета факт: Ветениот систем за изнајмување велосипеди од Данела Арсовска чека евалуација

„Во таа насока, информираме дека проектот e-Cycling е аплициран преку програмата BICI и истиот е во фаза на евалуација“, се наведува во одговорот на Град Скопје

-

Скопската градоначалничка Данела Арсовска во предизборната „Програма за модерно Скопје“ на граѓаните им вети воспоставување на систем за изнајмување велосипеди во главниот град. И покрај тоа што самата Арсовска во програмата наведува дека на Скопје итно му е потребна модернизација на системот за изнајмување велосипеди, реализацијата на ваквото ветување засега е во тек.

Арсовска во „Програма за модерно Скопје“, со која настапи на локалните избори во 2021 година, на страница 26, има дадено ветување за реализација на проектот Bike Ride&Share – систем за самоизнајмување на велосипеди во главниот град.

„Итно ни е потребна и модернизација на системот за изнајмување велосипеди, со современа апликација за самоизнајмување во рамки на Скопје. По примерот на многу европски метрополи, преку партнерство со иновативни ИТ компании ќе воведеме модерен систем за изнајмување велосипеди, со технолошки современ проект на самоизнајмување. Со овој проект ќе бидат опфатени сите скопски општини, со позиции за изнајмување и оставање на велосипедите, грижа за нив во еден центар и контрола на искористеноста. Нашата цел е да се подигне степенот на патувања со велосипед и намалување на аерозагадувањето, подобрување на психофизичкиот развој на граѓаните и искористување на сите можни форми за алтернативно движење во градот“, се наведува во предизборната програма на градоначалничката Арсовска.

Мета.мк испрати прашања до Одделението за односи со јавност на Град Скопје за тоа до каде е реализацијата на ова предизборно ветување. Прашавме што досега е преземено од Градот Скопје за реализација на системот за изнајмување велосипеди Bike&Ride, кога ќе се распише тендерот за набавка на велосипедите и неопходната опрема за воведување на системот за изнајмување велосипеди и кога ваквиот проект би бил достапен за користење од граѓаните. Прашавме и колку ќе чини ветениот систем и дали ќе се развива преку јавно-приватно партнерство.

Од Градот Скопје добивме информација дека реализацијата на ова предизборно ветување е во тек, односно дека тие работат на реализација на нов систем за автоматизирано изнајмување на велосипеди.

„Во таа насока, информираме дека проектот e-Cycling е аплициран преку програмата BICI и истиот е во фаза на евалуација“, се наведува во одговорот на Град Скопје.

Инаку, Мета.мк го пребара и јавно достапниот Буџет на Град Скопје за 2023 година, но не успеавме да пронајдеме посебна ставка за годинава, во која е наведено дека ќе се одвојат средства за воспоставување на систем за самоизнајмување велосипеди во Скопје.

На територијата на Град Скопје во 2010 година беше воведен проектот за изнајмување велосипеди „Скопје изнајми велосипед“. Истиот функционираше неколку години, но Мета.мк пишуваше дека веќе од 2018 година преку овој систем не се изнајмуваа велосипеди, односно остварените приходи на јавното претпријатие „Градски паркинг“ од оваа услуга изнесуваше 0 денари на годишно ниво.

Порталот „СДК.МК“ на 8 февруари 2021 година пишуваше дека јавното претпријатие „Градски паркинг“ на почетокот од 2021 година донело одлука да ги продаде сите велосипеди и тротинети кои беа набавени за функционирање на дотогашниот систем за изнајмување велосипеди. Поради ваквиот потег, скопските градски власти веќе неколку години наназад не им ја нудат на граѓаните услугата за изнајмување велосипеди.

Градот Скопје во изјава за Мета.мк на 16 јануари 2022 година информираше дека велосипедската инфраструктура и поттикнувањето на граѓаните да користат велосипед ќе биде еден од најголемите приоритети на Градот Скопје, но сепак минатата година, исто како и годинава, не беа издвоени средства за реализација на проектот Bike Ride & Share – систем за самоизнајмување на велосипеди.

Врз основа на горенаведените податоци, предизборното ветување дадено од градоначалничката Данела Арсовска за воведување на систем за самоизнајмување велосипеди во Скопје можеме да оцениме дека е во тек на реализација.

 

ИЗВОРИ:

Програма за модерно Скопје, проверено на 16.5.2023 година;

Буџет на Град Скопје за 2023 година, проверено на 165.2023 година;

Мета.мк (16.1.2022 година): Град Скопје сè уште нема систем за изнајмување велосипеди како алтернативен превоз, проверено на 16.5.2023 година;

СДК.МК (8.2.2021 година): Скопје вело град без можност за изнајмување велосипеди, проверено на 16.5.2023 година;

Мета.мк (12.2.2020 година): За две години, нула изнајмени велосипеди и нула денари заработка за „Градски паркинг“ (инфографик), проверено на 16.5.2023 година.

Одговори на прашања од Град Скопје, април 2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...