Мета факт: Фондот за енергетска ефикасност допрва ќе се формира, иако одамна се ветува

Од Развојната банка на РСМ за Мета.мк информираат дека во тек се активностите кои ги спроведува Министерството за финансии за основање на Фондот за енергетска ефикасност, како и дефинирањето за начинот на негово функционирање и финансирање

Објект на итната медицинска помош во Тетово; Фото: Порталб.мк/Фисник Џелили

Формирање на Фонд за енергетска ефикасност веќе неколку години наназад се ветува од страна на Владата, но активностите за неговото основање до денешен ден не се завршени. Во Програмата на Владата за периодот 2022-2024 година е ветено дека овој фонд ќе се формира со грант средства на Светска банка, но активностите за исполнување на ова ветување сè уште се во тек.

Во Програмата на Владата за 2022-2024 година, на страница 17, стои:

„Ќе се формира и фонд за енергетска ефикасност, во рамките на Развојната банка на Северна Македонија, преку обезбедување на грант финансиски средства од Светска банка, со цел поддршка на спроведување на мерките на енергетска ефикасност во јавни згради и установи на целата територија на Северна Македонија“.

Македонската влада веќе подолг период наназад го најавува основањето на Фондот за енергетска ефикасност. Па така, на владината седница одржана на 17 мај 2020 година се усвои информацијата во врска со потребата од издавање на писмо без приговор за Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по што истото беше доставено до Светската банка и Министерството за финансии.

Инаку, оформувањето на Фондот за енергетска ефикасност ќе треба да го означи почетокот на обемната реконструкција на јавните згради и установите низ целата земја, а со цел да се спроведат мерки за енергетска ефикасност коишто имаат за цел да ја намалат потрошувачката на енергија во јавниот сектор.

Мета.мк во однос на владиното ветување за формирање на Фонд за енергетска ефикасност, прашања испрати до Владата на РСМ, Министерството за финансии и Развојната банка на РСМ, во чии рамки треба да се наоѓа самиот фонд.

Од Развојната банка на РСМ за Мета.мк информираат дека во тек се активностите кои ги спроведува Министерството за финансии за основање на Фондот за енергетска ефикасност, како и дефинирањето на начинот за негово функционирање и финансирање. 

Од Развојната банка додаваат дека Министерството за финансии е надлежно за координација на активностите за имплементација на проектот за основање и начинот на функционирање на Фондот за енергетска ефикасност.

„Согласно Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународна банка за обнова и развој-Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор како корисник на кредитот е наведена меѓу другите корисници и РБСМ и напоменато е дека во нејзината структура ќе биде формиран Фондот за енергетска ефикасност. Овој фонд се заснова на третата компонента на проектот за енергетска ефикасност во јавен сектор финансиран со заем од Светска банка“, информираат од Развојната банка на РСМ.

И покрај што по електронска пошта во два наврати испративме прашања до Министерството за финансии (21 и 26 јуни), како и до Владата на РСМ (8, 15 и 26 јуни) за да прашаме до каде е постапката за формирање на Фондот за енергетска ефикасност во рамките на Развојната банка на РСМ, не добивме одговори од Владата и од Министерството за финансии.

Сепак, врз основа на одговорите коишто ги добивме од Развојната банка, може да се заклучи дека Фондот за енергетска ефикасност не е основан до денешен ден. Поради тоа што добивме одговори оти активностите за негово формирање се во тек од страна на Министерството за финансии, а ветувањето од владината програма има рок за исполнување до 2024 година, заклучуваме дека ова владино ветување е во тек на реализација.

 

ИЗВОРИ:

Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година, проверено на 27.6.2023 година;

Мета (18.5.2020 година): Владата со иницијален чекор за формирање на националниот Фонд за енергетска ефикасност, проверено на 27.6.2023 година;

Мета (12.12.2019 година): Без Фонд за енергетска ефикасност и инвестиции, ќе нема намалување на аерозагадувањето, проверено на 27.6.2023 година;

Одговори доставени од Развојната банка на Република Северна Македонија.