fbpx

Метју Каруана Галициа: Учете од Малта бидејќи никој нема да се бори против корумпираната власт подобро од вас

-

Името на новинарката Дафне Каруана Галициа од Малта стана, за жал, меѓународно препознатливо откако таа загина во атентат од поставена бомба во нејзиниот автомобил во 2018 година. Галициа како новинар истражуваше и објавуваше информации за повеќе мултимилионски скандали на мито и корупција и за вмешаноста на високи владини функционери од актуелната власт на актуелниот премиер Џозеф Мускат. Деновиве во Скопје разговаравме со нејзиниот син, Метју Каруана Галициа, кој, исто така е истражувачки новинар кој работи на разоткривањето на корупција на меѓународно ниво, за што во 2017 година ја добива и Пулицеровата награда.

Вашата мајка е убиена со подметнување на бомба во нејзиниот автомобил пред една година откако со години работела на случаи на корупција во високите кругови на Малта. Дали има некаков правен исход за ваа убиство на новинар кој се борел за вистина и правда?

– Нема судска разрешница. Уапсени се тројца обвинети за поставување бомба во автомобилот на мајка ми, но тие беа само непосредни извршители. Нивното судење постојано се одложува и по истекот на судскиот рок сосема е можно тие да бидат пуштени на слобода со кауција. Полицијата потврди дека имало и други луѓе инволвирани во организирањето на убиството, но потоа ништо не е сторено тие да се пронајдат и изведат пред лицето на правдата. Владата на Малта сака убиството на мајка ми едноставно да исчезне и постојано креира впечаток дека тоа е расветлено, а случајот затворен, но моето семејство одлучно бара истрага за целиот команден синџир за да се дојде до повисоките степени на криминал и корупција во што се инволвирани луѓе од Владата за кои мајка ми истражувала и објавувала докази, а со тоа и до нарачателите на убиството. Ставот на главниот Обвинител на Малта е дека чекаат нови докази, но евидентно е дека во истрагата не се користат доказите кои мојата мајка ги обелодени пред да биде убиена.

Сè до убиството на Дафне Каруана Галиција светот ја знаеше Малта само како идилична туристичка дестинација, но овој медитерански остров имал и темна страна – мултимилионски криминален бизнис поврзан со имиња на високи државни функционери, перење пари на мафијата, убиства, закани. Што превзела досега ЕУ за да се справи со сериозната ситуација со која се соочува оваа нејзина земја-членка?

– ЕУ призна дека Малта се соочува со големи проблеми пред се со огромната корумпираност на власта, но она што во последниве пет години се случува во Малта е што Владата стана подложна на мито и корупција кои доаѓаат не само од земји на Европската унија туку и надвор од неа. Потпретседателот на ЕК, Ханс Тимерманс имаше изјавено дека ќе бараат од Владата на Малта да се справи со овој проблем, но потоа изгледа заборавил што кажал бидејќи за време на својата скорешна посета на Малта, во мај годинава, во рамките на предизборната кампања во името на својата партија, пред одржувањето на изборите за Европарламентот, тој од говорницата кажа дека Малта е денес во многу подобра состојба што се однесува до корупцијата одошто порано, иако е свесен дека околу премиерот на Малта и натаму седат висококорумпирани функционери. За луѓето како мене и моето семејство, кои денес на Малта се борат против високата корупција не затоа што припаѓаат на одредена политичка структура, туку бидејќи ја сакаат својата држава, тоа беше своевидна шлаканица. Тоа беше тешка лекција која покажа дека за политичките фигури од ЕК поважна е политичката моќ одошто правдата и демократијата. Видете, Комисијата објавува периодични извештаи во кои ја охрабрува владата на Малта да стори повеќе во борбата против корупцијата, но тоа не е поткрепено и со конкретна поддршка на нашите напори во борба против корупцијата, а таа ни е многу потребна. Принципиелноста во односот на ЕК кон проблемите на Малта би значеле многу не само за мојата земја туку и за кредибилноста на Комисијата кога таа зборува за други, „поголеми“ теми како што се односите со Русија, состојбите поврзани со Саудиска Арабија или Кина.

Тешко е да се замисли дека една земја на ЕУ може да напредне на планот на корупција наместо обратно…

– Ваквиот однос на ЕК кон Малта е важна лекција и за балканските држави како Македонија, Србија и другите, бидејќи покажува дека во борбата против корупцијата во сопствените држави мораат да се потпрат првенствено на сопствените сили дома преку градење на контролни механизми бидејќи со влез во ЕУ работите ќе станат потешки. Пред 15 години, кога се приклучувавме кон ЕУ, мислевме дека со тоа ги решаваме сите свои проблеми и дека ќе станеме како Шведска или Данска, а не дека ќе дојдеме до ова ниво на корупција која претходно беше непозната во Малта. Мора сериозно да се анализира како тоа Малта од демократија во процут стана земја со ендемска корупција. Ако не ми верувате на мене, погледнете ги јавно достапните документи и истражувања кои покажуваат дека Малта стана држава во која најдрастично опаднале демократските индикатори во рамките на ЕУ. Сакам да напоменам дека и јас како и мојата покојна мајка сме про-ЕУ, за разлика од сегашниот премиер на Малта, Џозеф Мускат, на пример, кој во својство на одговорен за политичка пропаганда на неговата Лабуристичка партија спроведуваше анти ЕУ кампањи пред приклучувањето на Малта кон ЕУ. Затоа е и толку големо нашето разочарување што ЕК не направи доволно за да иницира промени на планот на борбата против корупција на Малта ниту да покаже дека во иднина ќе направи се за да ги заштити новинарите кои објавуваат докази против корупција така што веднаш ќе превземе соодветни мерки

Какви коруптивни случаи истражуваше Вашата мајка како новинар?

Постојат цврсти докази за политичари од Владата на Малта кои се поткупени преку посредувачи од страна на властите на Азербејџан. Малта и претходно имала одредено ниво на корупција во администрацијата, но корупција од такви размери во Малта била непозната се до доаѓањето на власт на оваа владеачка гарнитура. Оваа корупција од највисоко ниво излезе во јавност со објавувањето на Панамските документи, кои главно ги објави мајка ми и ИЦИЈ (Меѓународен конзорциум на истражувачки новинари) и Владата, наместо да проба да се оправда, одбра да се бори со новинари како мајка ми или мене и да затвора, попречува и саботира полициски истраги, постојано да ги менува шефовите на полицијата, да поставува високи партиски функционери за судии во малтешките судови. Тогаш за првпат сфативме дека работите стануваат сериозни и опасни. Постојано објавувавме цврсти докази за корупција на јавни сајтови и апсолутно никаков исход немаше.

Добиваше ли вашето семејство закани пред да се случи атентатот врз вашата мајка?

Се случуваше мајка ми или јас да бидеме физички или вербално нападнати на јавни места од страна на симпатизери и членови на владеачката партија или да ми постираат закани на мојот приватен Фејсбук профил и тоа не анонимно туку со вистински имиња бидејќи тие се чувствуваа заштитени со самото тоа што некои од нив беа припадници на полицијата, војската или владини службеници. Полицијата најчесто не постапуваше против овие лица иако тие испраќаа најужасни закани и реагираше само понекогаш кога новинарите ќе објавеа фотографии на кои можеше да се види кој и со што ни се заканува.

Дали некој од докажаните коруптивни случаи на Малта кои ги објави Дафне Каруана Галициа имал некаков епилог до сега?

Во месеците по убиството на мајка ми, јас и моите браќа бевме зафатени со борбата за правна разрешница на случајот со нејзиниот атентат, но секако дека ни е важно што ќе се случи со случаите кои таа ги истражуваше како новинар. Постојните новинарски организации досега немале многу прилика да се занимаваат со вакви случаи. Еден сличен случај е убиството на бугарската новинарка Викторија Маринова, за која, дури и да прифатиме дека убиството немало врска со коруптивните скандали кои таа ги истражуваше, се поставува прашањето: кој ќе ги продолжи истражувањата на случаите кои таа ги започна? Тоа не смее туку така да се заташка само затоа што таа е убиена. Затоа бев пресреќен кога група истражувачки новинари од ЕУ и САД се собраа околу она што се нарекува Проектот „Дафне“ и направија нешто дотогаш невидено- продолжија со истражување на случаите кои таа ги обелодени. На тие колеги, од кои повеќето не ја ниту познавале, сум им вечно благодарен. Она што меѓу другото тие го открија беа „Панама документи“ кои покажуваат дека во 2013 тогашниот министер за енергетика Конрад Мици и шефот на кабинетот на премиерот, Кич Кембри основале оф-шор компании во Панама и дека се обиделе да отворат сметки во повеќе земји кусо откако Малта потпиша договор за испорака на нафта тежок повеќе милијарди евра со државната нафтена компанија на Азербејџан и на нив очекувале да добиваат исплати на годишно ниво од страна на компанија која била дел од нафтениот дил на Малта со Азербејџан.

Како истражувачки новинар Вие ја добивте и Пулицеровата награда, како и други меѓународни признанија за вашите истражувања.

– Во тоа време работев како дел од меѓународниот тим на ИЦИЈ на стории за меѓународна корупција и на истражувањето на лажните вести низ цел свет, но соработував и со мајка ми во нејзините новинарски истражувања на корупцијата во Малта и бев, заедно со неа под постојан напад од страна на малтешката Влада. Истражувачкото новинарство е скапа професија бидејќи се потребни многу пари за да се стаса секаде и да се истражува онаму каде што има индиции за новинарска приказна и имаше месеци кога не добивавме плата ниту пак можевме да отидеме на церемониите на доделувањата на наградите бидејќи едноставно немавме пари за пат. Сега, заедно со мојот брат сме ангажирани околу Фондацијата која го носи името на мајка ми и која е посветена на барањето правда за нејзината смрт како и за помош на новинари кои истражуваат важни теми поврзани со корупција и криминал користејќи ја ИТ технологија во полза на промоција на демократија и правда.

Која порака би им ја упатиле на луѓето од Балканот по сопственото горчливо искуство?

Учете од лекцијата на Малта. Морате секогаш да се борите за својата демократија, бидејќи таа не е нешто што еднаш се освојува и потоа можете да се опуштите туку е постојана борба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

В петок се отвора изложбата „Париски рефлексии III“ во Чифте амам

Францускиот институт во Скопје и Националната галерија во рамките на одбележување на Месецот на Франкофонијата, го најавуваат третото продолжение од циклусот изложби, под наслов „Париски рефлексии“. Отворањето ќе се одржи...