Меѓународен ден на рисот: Популацијата на големата мачка е стабилна, но и понатаму на работ на исчезнување

Сечата на шумите заради изградба на патишта или други објекти ги уништува и ги расцепкува живеалиштата на рисот, го оневозможува да населува нови подрачја и непречено да комуницира со единки од пооддалечени подрачја

Фото: Министерство за животна средина

Балканскиот рис е една од најретките големи мачки на планетата, со популација од помалку од 50 единки, од кои најголемиот дел, околу 40 живеат во Северна Македонија, а останатите се сретнуваат во Албанија и Косово. Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), балканскиот рис го рангира како критично загрозен, а најголемиот дел од опасностите за неговиот опстанок се дело на човекот.

Сечата на шумите заради изградба на патишта или други објекти ги уништува и ги расцепкува живеалиштата на рисот, го оневозможува да населува нови подрачја и непречено да комуницира со единки од пооддалечени подрачја што во последните години резултираше и со една нова опасност, а тоа е размножувањето во блиско сродство или инбридинг. Малиот број полово зрели рисови, кои долго време живеат на мала територија допринесува балканскиот рис да има осиромашен генски фонд, состојба што на долг рок може да биде фатална за целокупната популација.

Македонското еколошко друштво, со партнерски организации од регионот и Европа веќе 17 години работи на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, во рамките на која се следи движењето и состојбата на популацијата на големата мачка. Од таму посочуваат дека и криволовот е еден од најголемите закани за рисот, во случаите кога се работи или за директен лов или пак за криволов на срна и дивокоза, кои се главниот плен на рисот.

„Континуираната работа на терен во рамките на Програмата дава резултати. Популацијата е стабилна, но познавајќи ги сите опасности ни претстои уште работа, бидејќи балканскиот рис сè уште е на работ на исчезнување и се третира како критично загрозен вид“, велат од МЕД.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека, со поддршка на Програмската канцеларија на УНЕП во Виена, како и на национални и меѓународни експерти за големи месојади, изготвиле предлог- апликација за вклучување на евроазискиот рис во Додатокот II и балканскиот рис, како подвид на евроазискиот рис, во Додатокот II и во Додатокот I на Конвенцијата за заштита на миграторни диви животни (CMS). Апликацијата е доставена до Секретаријатот на Конвенцијата на ревизија и се очекува усвојување.

„Доколку се прифати предлогот од страна на Конвенцијата се очекува поголемо зачувување на овој критично загрозен вид, поголема политичка поддршка како и подобрување на прекуграничната соработка за заштита на популациите на овој вид меѓу соседните земји и пошироко и спроведување на понатамошни мерки за зачувување и мониторинг. Со ова нашата држава прави голем придонес кон имплементирање на препораките од отворениот случај во Бернската конвенција за НП Маврово“, велат од Министерството.

Меѓународниот ден на рисот секоја година се одбележува на 11 Јуни. Тоа е најголемата дива мачка во Европа, трет предатор по големина, по кафеавата мечка и волкот. Се проценува дека се останати уште околу 9.000 примероци. Најголемиот број живеат во шумите на централна и северна Европа, и тоа: во Финска, Норвешка, Шведска, Словачка, Полска, Романија, Чешка и други земји. Помали популации од стотина рисови има во Франција, Германија, како и на Балканот, во Хрватска, Босна и Словенија.