Уставниот суд контра препораките на Комисијата за заразни болести. Судиите на денешната седница времено ја запреа одлуката за посебен режим за движење на лицата помлади од 18 години и на повозрасните од 67 години, која што Владата ја донесе заради заштита од корона вирусот. Со оваа одлука на Судот, овие категории ќе можат да се движат како и останатите граѓани од 5 до 19 часот.
„Уставниот суд по одржаната 14. седница поведе постапка за оценување на уставноста на член 1 точки 2 и 3 од Одлуката за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата и донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката чија уставност ја оценува согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија,“ се вели во одлуката на Судот.
Владата, а по препорака на Комисијата за заразни болести, одлучи помладите и повозрасните граѓани да имаат право на различно време на движење, за да се избегне ризикот од пренос на корона вирусот. Помладите лица можат да бидат асимптоматски носители, и во тој случај, тие можат да го пренесат вирусот на ризичните категории на граѓани.