Малите хидроцентрали главна тема во новото издание на „Шорткат“

Во фокус на 12. епизода од емисијата за млади „Шорткат“ се малите хидроцентрали. Еколошките организации се обединија во ставот дека од нивната изградба нема ниту економски, ниту еколошки бенефит, а влијанието што го имаат врз животната средина и биодиверзитетот е погубно. Според нив, Законот за води треба да е рамка која мора да спречи експлоатација на водните ресурси исклучиво за бизнис интереси со комерцијални цели.

Во емисијата ќе можете да дознаете повеќе и за завршениот Глобален самит за климатски промени (КОП 26) и постигнатиот пакт во Глазгов, со кој лидерите се договорија, а планетата Земја е чекор поблиску до целта за ограничување на зголемувањето на просечните температури на 1,5 степени целзиусови. Според постигнатиот договор, земјите до крајот на 2022 година треба да ги објават нивните поамбициозни планови за климатска акција.

Во емисијата информираме и за првата студија за пристапот до менструална хигиена во земјава, во која посебен дел од истражувањето е посветен на средните училишта. Во голем дел од училиштата никогаш немало разговори или предавања за менструалната сиромаштија, а средношколките сметаат дека во училиштата треба да има бесплатни производи за ментална хигиена.

Во „Шорткат“ може да дознаете повеќе и за првиот Social Day којшто се одржа во земјава. Десетици средношколци се запознаа со работната позиција која посакуваат да ја работат во иднина.

Погледнете ја и новата модна колекција на дизајнерката Ирина Тошева, со модели изработени од одржливи материјали и остатоци. Тошева се стреми кон транспарентен синџир на производство без отпад, со користење еколошки материјали со сертификати и остатоци од материјали од локалните фабрики.

Не пропуштајте ги информативните и интересни содржини во најновата епизода на „Шорткат“.