Малата депонија со линдан во ОХИС може да е подлабока и да има повеќе опасен отпад

Фото: Министерство за животна средина

Малата депонија со линдан на ОХИС може да е подлабока и да има поголеми количини на контаминиран материјал. Министерот за животна средина Насер Нуредини неодамна информираше дека ископувањето во втората фаза од чистењето на оваа жешка точка покажало дека во некои делови базенот е подлабок од максималната длабина од 2,5 метри, што беше утврдена во испитувањата за физибилити студиите направени пред да започнат работите на терен.

Од Министерството за животна средина велат дека новата ситуација не го менува фактот дека малата депонија ќе биде целосно исчистена. Од таму велат дека оставаат на УНОПС, кои се надлежни за чистење на линданот во оваа фаза, да одлучат дали ќе направат дополнитени испитувања на длабината на базенот или ќе продолжат со ископувањето и ќе истражуваат дел по дел.

„Доколку навистина се испостави дека во малата депонија има поголеми количини на линдан и контаминирана земја, тие ќе бидат исчистени. Ако има потреба ќе бидат мобилизирани и дополнителни средства“, велат од Министерството.

Чистењето на малата депонија со линдан започна во март годинава, откако претходно една година се монтираше заштитниот шатор. Министерот Нуредини тогаш соопшти дека проектот треба да се резализира за една година, но според последните најави, чистењето на малата депонија ќе трае малку подолго од првичните претпоставки и треба да заврши до крајот на 2023 година. Од Министерството велат дека новиот рок не е поврзан со можноста да се откопуваат поголеми количини, туку со динамиката на работа и потребата за секој лот да се распишуваат тендери.

Од почетокот на чистењето на оваа жешка точка ископани, спакувани и извезени се 960 тони на HCH отпад од првиот и вториот лот, од кои 480 тони се веќе спалени. Неодамна беше завршен и првиот транспорт на 126 тони земја контаминирана со HCH, спакувана во седум контејнери. Крајна дестинација земјата е постројка лиценцирана за третман на ваков тип на отпад во Германија. Во наредниот период се очекува да започнат активности за чистење на третиот лот, што ќе се спроведува под водство на УНОПС.

Од министерството за животна средина велат дека интензивно се разговара и за чистење на големата депонија, каде според проценките се складирани меѓу 50.000 и 60.000 тони опасен отпад. Во моментов се размислува дали ќе се употреби истата технологија искористена за третман на малата депонија или некоја друга, како и за начините за обезбедување средства за тој проект.

За министерот Нуредини ова е само почеток на решавањето на проблемот, бидејќи големата депонија е петпати поголема од малата, заради што апелираше до меѓународните агенции да ја продолжат техничката процедура и да продолжи барањето средства и за неа.

„Ова е само една од жешките точки во земјава, а со новиот закон ќе треба да ги идентификуваме сите. Се работи за долгорочни проекти кои ќе бараат големи средства од државниот буџет, но и помош од меѓународните институции. Во следните 10-15 години мора да најдеме решение за сите“, рече Нуредини.

Поранешната хемисла индустрија ОХИС е една од најголемите еколошки жешки точки во земјата. Освен малата и големата, тука спаѓаат и депонијата кај Пеленица, во која не се знае колкави количини на линдан се складирани. Линданот докажано го има во воздухот од Центар дури до Ѓорче Петров, а според последните испитувања на зеленчук одгледан во околината на фабриката, од девет примероци, три покажале повисоки концентрации на алфа изомерот. Во ОХИС до неодамна беа складирани и 64 тони на десетици други опасни хемикалии, кои за две години, во вкупно седум извози на хемиски отпад, беа извезени на уништување во повеќе држави.