Првите количини линдан од ОХИС заминаа за Франција

Фото: Министерство за животна средина

Првите количини линдан од малата депонија во ОХИС денеска заминаа за Франција. Вкупно 477,1 тони отпад од HCH ископани и спакувани во 1936 буриња и натоварени во седум контејнери и 126,37 тони почва загадена со линдан, спакувана во контејнери, со товарни возила ќе бидат транспортирани до Солунското пристаниште во Грција од каде со брод HCH отпадот ќе биде транспортиран за Франција, а контамираната почва за Холандија.

Фото: МЖСПП

„Откако беше добиено одобрение од солунското пристаниште за прием на првата испорака на отпадот, на 23 јуни започна утоварот на бурињата со чист HCH во контејнери, кои беа соодветно запечатени и обележани според меѓународната регулатива за прекуграничен транспорт на опасен отпад според Базелската конвенција“, информираа од Министерството за животна средина.

Со тоа, посочуваат, комплетно завршуваат договорните активности со УНИДО, а од почетокот на минатиот месец одговорноста за ископот ја презема UNOPS со користење на средства од Повеќепартнерскиот фонд за животна средина специјално формиран за чистење на контаминацијата во кругот на ОХИС. Започнато е чистењето и на останатиот материјал од малата депонија, која е поделена во уште четири лота. Во моментов се работи на вториот лот за чиј надзор е одговорна компанијата HPC во соработка со локалниот партнер „Екомозаик“.

Фото: МЖСПП

Чистењето на малата депонија почна во април годинава, откако, претходно речиси една година се поставуваше заштитниот шатор, се обезбедуваше потребната механизација и се вршеа обуки за работниците кои ќе го спроведуваат чистењето. Се очекува малата депонија да биде исчистена за една година, а од Министерството најавуваат дека, доколку работите се одвиваат со оваа динамика, можеби и до крајот на годината.

Опасниот пестицид во ОХИС е несоодветно складиран во најмалку две депонии во кругот на фабриката и една во месноста Пеленица кај Драчево. Погонот за линдан во фабриката работел од 1964 до 1977 година, кога било прекинато од еколошки причини. Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан, што резултирало со околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани и кои до денес се опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата.