Македонскиот студент Виктор Ивановски ја освои престижната „Annie“ награда за анимиран филм

Виктор Ивановски, студент по анимација на „Sheridan College“, Канада е дел од екипата што работеше на анимираниот филм „Лисицата и гулабот“ (The Fox and The Pigeon) кој годинава ја освои престижната „Annie“ награда за најдобар студентски анимиран филм, на 47. издание на манифестацијата „Annie awards“ во Лос Анџелес.

Македонскиот студент Виктор, заедно со уште десет студенти работеа на реализација на филмот, при што Виктор е ко-режисер, а воедно е композитор и интерпретатор на музиката за филмот.

Анимираниот филм „Лисицата и гулабот“ беше во трката за најдобар студентски филм во конкуренција од импозантен број анимирани филмови од целиот свет. Филмот доби позитивни стручни критики од светските експерти за анимација, а за неговата вредност зборува и фактот што покрај тоа што беше прикажан и наградуван на повеќе интернационални фестивали, филмот доби и специјална награда на реномираниот Интернационален фестивал за анимација во Отава, Канада.

Виктор Ивановски е студент на четврта година на „Sheridan College“ во Канада кој важи за еден од најпрестижните факултети во светот на полето на анимација. Тој е и првиот Mакедонец што освоил ваква престижна награда за анимација. Како дипломец оваа година работи на неговиот завршен дипломски филм.

„Annie“ е најпрестижната награда за анимација која се доделува еднаш годишно од 1972 година. Ја доделува ASIFA-Hollywood, подружница на Меѓународнaта асоцијација на анимирани филмови во Лос Анџелес.