fbpx

Македонски Телеком и А1 изедначени во процентот на мобилни корисници

Освен двата најголеми оператора, коишто држеле по 47,83 отсто од пазарот, тука се и помалите оператори, коишто функционираат како виртуелни оператори. Најпопуларен е Лајкамобајл со 2,88 отсто

-

Во четвртиот квартал на 2022 година, најголемите мобилни оператори Македонски Телеком и А1 Македонија биле изедначени според бројот на мобилни корисници, односно секој од нив има по 47,83 отсто од корисниците на мобилната телефонија, кои во последното тромесечје на минатата година биле вкупно 1.932.871, се дознава од најновиот квартален извештај на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Од вкупниот број корисници на мобилна телефонија, односно 1.932.871, најголемиот дел се приватни лица со постпејд пакети, односно 944.394 броеви, а приватни лица што користат припејд пакети имало 739.078. Деловни пост-пејд броеви имало 249.399.

Освен двата најголеми оператора, коишто држеле по 47,83 отсто од пазарот, тука се и помалите оператори, коишто функционираат како виртуелни оператори. Најпопуларен е Лајкамобајл со 2,88 отсто, потоа следува Роби, односно Телекабел, со 1,23 отсто од мобилните корисници, а претпоследен е МТЕЛ со 0,12 отсто и Греен мобиле со 0,11 отсто.

Инфографик: АЕК

Од сите регистрирани броеви, на интернет преку широк и тесен опсег, односно преку 4Г, 3Г, 2Г, во последниот квартал на минатата година пристапувале 1.458.377 броеви. Гледано според оператори, од сите броеви, 48,66 отсто отпаѓаат на А1 Македонија, потоа следува Македонски Телеком со 47,5 отсто, а остатокот е на останатите мобилни оператори.

Сликата е поинаква кога станува збор за уделите на операторите во вкупниот остварен интернет сообраќај во мобилната телефонија, па на А1 Македонија отпаѓа 55,65 отсто, на Македонски Телеком 42,57 отсто од интернет сообраќајот, а потоа следува Роби/Телекабел со 0,85 отсто, Лајкамобајл со 0,79 отсто, МТЕЛ со 0,08 отсто и Греенмобиле со 0,06 отсто.

Инфографик: АЕК

Што се однесува до приходите остварени од сите мобилни корисници, во четвртото тромесечје на минатата година најдобро поминал Македонски Телеком со 51,12 отсто од вкупните остварени приходи, по што следи А1 Македонија со 47,2 отсто, потоа е Роби/Телекабел со 0,86 отсто, па Лајкамобајл со 0,66 отсто, по што следува Греен мобиле со 0,12 отсто и МТЕЛ со 0,03 отсто.

Во поглед на фиксната телефонија, пак, во последниот квартал на минатата година имало 438,586 броеви, а од нив на Македонски Телеком отпаѓаат 51,2 отсто, А1 Македонија имал 42,29 отсто од вкупниот број фиксни корисници, по што следува Роби/Телекабел со 3,98 отсто, Неотел со 1,92 отсто и Актон со 0,61 отсто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...