fbpx

Македонија со МЕМО е на чекор поблиску до паневропскиот пазар на електрична енергија

-

Се отвора ново поглавје на пазарот на електрична енергија во Република Северна Македонија, кое ќе биде од интерес за сите учесници на енергетскиот пазар. Тоа се овозможи преку номинирањето на МЕМО ДООЕЛ-Скопје за национален оператор на организираниот пазар на електрична енергија, од страна на владините министри на вчерашната седница, а на предлог на РКЕ.

Според управителот на МЕМО ДООЕЛ, Симон Шутиноски, согласно Законот за енергетика, лани во октомври е основано ова ново друштво, формирано од Подружница-оператор на пазар на електрична енергија, при АД МЕПСО, и од тогаш функционира независно. Неговото формирање е согласно Законот за енергетика, а по примерот на речиси сите европски држави каде функционираат еден или повеќе национални оператори со кои Македонија треба да соработува и да се поврзе. Што значи, всушност, чекор повеќе до целосна либерализација на пазарот на струја во земјава.

„МЕМО-Скопје, во функција на национален оператор ги извршува обврските за непречено функционирање на пазарот на електрична енергија. Меѓу кои се: администрирање на пазарот на струја со билатерални договори, пресметка на дебалансите на балансно одговорните страни, евиденција на сите договори за учество на пазарот, евиденција на сите договори за формирање балансни групи склучени меѓу учесниците, водење регистар на учесниците на пазарот, ажурирање и објавување на информации поврзани со функционирањето на пазарот и одговорно балансирање на производителите на електрична енергија од обновливи извори кои користат повластена тарифа“, објаснува Шутиноски за „Мета.мк“.

МЕМО ќе има задача преку имплементација на организираниот пазар на струја да обезбеди недискриминирачки, навремен и транспарентен третман на сите учесници на пазарот, согласно принципите на организирано тргување во ЕУ. При тоа, ќе се користат алатките и алгоритмите како во европските земји, со цел секој учесник да добие еднаков третман при тргување на продукти.

Шутиноски вели дека продуктите кои ќе се тргуваат се стандардизирани и ги следат европските регулативи, а тргувањето ќе се одвива во временска рамка, ден однапред, со што ќе им се овозможи на учесниците дополнителна алатка за балансирање на своето трговско портфолио, со цел да се намалат трошоците за дебалансите, настанати во електро-преносниот систем на државата. Дополнително, ќе се овозможи промоција на производството на струја од обновливи извори.

„Формирањето на организиран пазар за електрична енергија на територија на Република Северна Македонија е еден од последните чекори за имплементација на третиот енергетски пакет на Европската унија, во делот на електричната енергија, кое започна со носењето на новиот Закон за енергетика во 2018 година, и истото ќе биде нотирано од страна на Секретаријатот на енергетската заедница во следниот извештај до ЕУ за напредокот на нашата држава во полето на енергетиката и приближување кон европското законодавство“, посочува Шутиноски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...