Извор на фотографија: МИА

Сите предмети на Државниот инспекторат за животна средина се безбедни, тврди директорот на оваа институција Фејзула Спахија. Откако во јавноста излегоа многубројни шпекулации дека пожарот, кој вчера ги пеплоса канцелариите на Инспекторатот и на уште неколку други државни институции, неповратно уништил документација меѓу која се и чувствителни предмети, од оваа институција ги негираат ваквите тврдења.

Спахија за „Мета“ вели дека огнот не ја зафатил собата со серверите, кои деновиве, откако ќе заврши деталната полициска истрага за причините за пожарот, ќе бидат проверени и конечно ќе се знае во каква состојба се. Тој вели дека во пожарот настрадале хартиените примероци од предметите во архивата и компјутерите во неколку канцеларии, кои се подалеку од просторијата на серверот, но тоа нема да биде никаква пречка за работата на институцијата.

„Државниот инспекторат испраќа копија од секој предмет до Инспекцискиот Совет и до компанијата која била под мониторинг. Во секое време можеме било кој предмет да го земеме од таму и да направиме уште една копија. Тоа можеби и нема да биде неопходно доколку компанијата која го одржува серверот ни потврди дека сè е во ред со него и дека податоците ни се безбедни. За тоа ќе почекаме уште некој ден“, вели Спахија.

Во меѓувреме, инспекторите за животна средина ќе продолжат со контроли според нивниот месечен план, а Службата за општи и заеднички работи на Владата ќе бара и нова локација за да се смести Инспекторатот. Во зградата и денеска не влегува никој освен полицијата, откако утрово повторно интервенирала Противпожарната бригада, бидејќи во една од просториите повторно се забележувал чад.

„Не е безбедно, има големи оштетувања на плафоните и нема да ни дозволат да влеземе. Меѓутоа јасно е дека тука ќе треба време за санација и дека ќе мора што поскоро да се преселиме. Инаку инспекторите продолжуваат со сите закажани контроли на терен“, посочува Спахија.

Јавноста, пак, се сомнева во причините за настанувањето на пожарот кој изби вчера рано утрото во поранешната зграда на Комерцијална банка. Во неа освен Инспекторатот за животна средина се сместени и новинската агенција МИА и Секретаријатот за европски прашања. Командирот на Територијалната противпожарна бригада Владимир Симоновски вчера изјави дека пожарникарите се соочиле со дополнителен проблем бидејќи во зградата не работел ниту еден хидрант. Ваквото невнимание, особено во објект каде што се сместени неколку државни институции кои имаат децениски архиви со важни предмети, уште повеќе го навлече бесот на јавноста.

Социјалните мрежи вријат од коментари во кои се осудува ноншанлантноста во ракувањето со документацијата, а некои од нив случајот го поврзуваат со слични настани кога пожари и поплави уништија документација од неколку други институции.