fbpx

Македонија слави 29 години независност-Пендаровски: Заеднички императив е во следните години да живееме многу подобро отколку досега

-

Република Северна Македонија денеска го одбележува Денот на независноста, 8 Септември. Годинава се означуваат 29 години, откако на овој ден, во 1991 година, мнозинството македонски граѓани на референдум се изјаснија за суверена држава, надвор од рамките на поранешна Југославија.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во своето обраќање по повод државниот празник, потсети дека се изминати речиси три децении откако мнозинството граѓани гласаа да живеат во независна, слободна и демократска Република Македонија.

„Оттогаш имавме и напредок и падови во борбата за демократски вредности. Патот по кој тогаш тргнавме не е лесен. Тој бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот“, рече тој.

Пендаровски изјави дека, оваа година беше тешка поради пандемијата на ковид-19. „Кризата ги зафати сите сфери на нашето живеење и остави трајни последици врз начинот на кој работиме, се дружиме, начинот на кој учат нашите деца. Пандемијата сигурно ќе биде со нас уште некое време и ќе донесе дополнителен притисок врз целото општество. Но, со заеднички сили и посветена, напорна работа можеме да ги надминеме тие проблеми“, рече тој.

Потсети дека, со решавање на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи, државата стана полноправна членка на НАТО, а оваа година се очекува и формален почеток на преговорите за членство во ЕУ.

„Почнувајќи ја триесеттата година од нашата независност, очекувам, Вие граѓаните, да останете гласни и постојано да барате од нас политичарите одговорност, затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес. Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку досега. Со многу работа и со меѓусебно почитување тоа сигурно ќе го постигнеме“, нагласи Пендаровски. 

Премиерот Зоран Заев во обраќањето пред гостите истакна дека стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја.

„Денот на независноста, 8 Септември 1991 година, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската унија. Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна членка на Северноатлантската алијанса, како и земја која е на пат за членство во ЕУ“, подвлече премиерот. Заев најави дека доаѓа време на ред, правда и дисциплина и дека новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа.

„Тоа ќе биде најважната приказна. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон“, порача Заев.

Одбележувањето на Денот на независноста, 8 Септември, утрово започна со чествување пред Владата, организирано согласно сите ковид протоколи, во ограничен број на присутни претставници на државниот врв, дипломатскиот кор и медиуми. По менувањето на знамињата пред платото на Владата, беше интонирана македонската химна и се прикажа видео со пораки по повод 29 години од независноста на државата. Претходно, владина и собраниска делегација положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на гробиштата во Бутел.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во домашен притвор

По речиси пет месеци во притвор, Врховниот суд одлучи таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, да оди во куќен притвор. „По одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот...