Македонија е на 95. место според нивото на среќа од вкупно 156 држави од светот, покажува новиот Меѓународен извештај за среќа, објавен во Рим.

Минатата година, според овој извештај кој го мери нивото на среќа, Македонија беше рангирана на 93. место.

Според новиот извештај, на првото место како најсреќна држава е Данска, на второ место е Швајцарија, на трето е Исланд, на четврто – Норвешка, а на петто место е Финска.

Од балканските земји, Хрватска е на 74. место, Србија е на 86. место, Босна и Херцеговина е веднаш зад неа, Грција е на 99. позиција, а Бугарија е на 129. место.

На последно место, односно најнесреќна земја, е Бурунди, на претпоследна позиција на листата е Сирија, а пред неа се Того, Авганистан, Бенин и Руанда.

Овој извештај Обединетите нации првпат го објавија пред четири години, во 2012 година.

Студијата опфаќа податоци од домашниот бруто-производ по жител, очекуваниот животен век, перцепцијата за корупција, слободата да се донесат самостојни одлуки, великодушноста, довербата во владата, како и квалитетот на демократијата.