fbpx

Љубаништа не ја дава земјата за туристичка зона, утре нов протест

-

Координативното тело за спас на имотите во населбата Љубаништа, селска и викенд-населба на брегот на Охридско Езеро, за утревечер свика нов собир на сегашните и на поранешните жители, откако државата изврши пренамена за изработка на урбанистички план за изградба на уште една, втора туристичка развојна зона на просторт на Љубанишко поле. Владината одлука е објавена во „Службен весник“ на 31 декември и опфаќа имоти на локалното население, дел од викенд-населбата изградена покрај Охридско Езеро, како и земјиште на Дебарско-кичевската епархија.

– Локалните жители велат дека за ништо не биле прашани и информирани. По јунскиот, ова е втор собир годинава. Најавуваат отпор, граѓанска непослушност, блокада на меѓународниот пат од Охрид до граничниот премин Свети Наум и натаму за Албанија. Цело поле, јавен имот, сега ни го земаат за развојна туристичка зона – вели Наум Ристески, дипломиран правник, кој е свикувач на координативното тело.

Станува збор за 1,7 милиони квадратни метри земјиште, каде што треба да никне туристичка развојна зона. Местото се наоѓа на многу атрактивен дел од охридското крајбрежје. Тие стравуваат дека државата, со експропријација, ќе им го земе по едно евро за квадратен метар.

Претходно, државата изврши експропријација на земјиште во атарот на Љубаништа, во најголем дел имот на црквата, за изградба на Туристичката развојна зона 1. Според Владата, овој проект ќе придонесе за развој на туризмот и ќе отвори нови вработувања од кои ќе имаат корист и локалната заедница и државата. Таа не гледа пречка за негова реализација и покрај отвореното противење на Дебарско-кичевската епархија и месното население, кое на собирот на жители, одржан во јули минатата година, донесе одлука со која се бара стопирање на почнатата експропријација.

Според најавите, на брегот на Охридско Езеро во Љубаништа ќе се градат три туристички развојни зони. Во рамките на овој амбициозен проект е најавена и изградба на придружна инфраструктура, како што е експресниот пат Охрид – Св. Наум, кој според најавите треба да минува низ Националниот парк „Галичица“. За таа цел минатата година почна постапка за промена на опфатот на националниот парк, за што беше изработена и студија за влијанието на најавените инфраструктурни зафати врз природата, која изобилува со ендемски видови флора и фауна.

В.М.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...