fbpx

Левица го преименува паркот „Украина“ во „АСНОМ“, случајот е пријавен во полиција

Од Општина Чаир велат дека „ова е исклучително низок чин кон мирољубива вредност како што е паркот Украина што го промовиравме пред неколку недели заедно со Украинската амбасада во земјава

-

Општина Чаир најостро го осудува вандалскиот чин на таблата со името парк „Украина“ која се наоѓа на нашата територија, поточно во близина на општинскиот објект, реагираше Висар Ганиу, градоначалник на општина Чаир, откако Црвена Младина – активисти на политичката партија Левица го преименуваше паркот Украина во парк АСНОМ.

Случајот е веќе пријавен во полиција, а општина Чаир бара „што поскоро да се откријат сторителите и да ја добијат заслужената казна“.

Во споделеното видео на социјалните мрежи може да се види како активист на Левица врз поставената табла парк „Украина“ лепи налепница на која пишува „парк АСНОМ“.

„Денес Црвена Младина се погрижи да ја поправи намерната или ненамерна грешка и некогашниот парк на народните херои кој беше именуван Украина, го преименувавме АСНОМ. Дали некој свесно ја цензурира антифашистичката борба и дали тоа се наследниците на балистите и домашните врховисти оставаме да судите вие“, стои во објавата на Црвена Младина.

За истото, од Црвена Младина се пофали и на Твитер, со тврдење дека „смениле име, без референдум“.

Од општина Чаир велат дека „ова е исклучително низок чин кон мирољубива вредност како што е паркот „Украина“ што го промовиравме пред неколку недели заедно со Украинската амбасада во земјава“.

Со реакција се јави и ЦИВИЛ, од каде што најостро го осудија вандализмот и манипулациите што ги предизвикува, како што велат, провокацијата, јавно поддржана од Левица, а која ја спроведе самонаречената „црвена младина“.

„Во Чаир, членови на Левица вчера (12 јули 2023), пред сопствените камери, ја вандализираат табелата со натписот на новиот парк „Украина“, кој беше промовиран пред еден месец на иницијатива на општина Чаир, во соработка со Украинската амбасада, со поддршка од ЦИВИЛ и други граѓански и хуманитарни групи и организации. Овој чин е симбол на солидарноста со украинскиот народ во нивната борба за слобода од руската агресија и окупација. Имено, оштетувањето и самоволното „преименување“ на паркот „Украина“ во Чаир, не претставува само еден обичен чин на вандализам“, наведено е во реакцијата на ЦИВИЛ.

Оттаму оценуваат дека со груба злоупотреба на еден светол поим, како што е АСНОМ, политичките вандали од екстремната десница сакаат да предизвикаат омраза и поделби, наспроти благородниот мотив што стои зад именувањето на паркот „Украина“.

„Тие не ја кријат својата намера да ја омаловажат волјата на локалната самоуправа, како и на граѓанките и граѓаните на општина Чаир и пошироко, да ѝ оддадат признание и почит на борбата на Украина за слобода“, се додава во реакцијата.

Инаку паркот „Украина“ беше промовиран во скопската општина Чаир на 7 јуни годинава, а на отворањето на паркот присуствуваа градоначалникот Ганиу и амбасадорката на Украина Лариса Дир.

„Со промоцијата на паркот „Украина“ ја пренесовме пораката дека секогаш ќе бидеме со Украина и со украинскиот народ, исто како и нашите пријатели – Европската Унија и Соединетите Американски Држави“, изјави градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу во оваа прилика.

Во скопски Чаир промовиран „Паркот Украина“

Тој потсети дека војната не е решение за ниту еден проблем, а уште помалку убивањето на невини цивили, бидејќи со војна не можеме да го промениме светот на подобро.

„Оваа инспиративна вест беше многу контрастна во споредба со вестите што секојдневно ги добиваме од самата Украина. Денеска имаме одлична можност да добиеме од општина Чаир на град Скопје морална и духовна поддршка, која е бесценета“, рече амбасадорката Дир.

Таа посака паркот „Украина“ во општина Чаир да биде светол, расцутен, пријатен, исполнет со детска радосна смеа и детска забава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...