Лажен роботски повик од „Џо Бајден“ им кажува на гласачите да ги прескокнат прелиминарните избори во Њу Хемпшир

Во моментов не е јасно кој ја создал снимката, а кампањата на Доналд Трамп негираше вмешаност. Од јавното обвинителство во Њу Хемпшир соопштија дека повикот е незаконски обид да се попречат денешните прелиминарни избори и дека гласачите треба целосно да ја игнорираат содржината на пораката

Photo by Julian Hochgesang on Unsplash

Лажен телефонски повик со глас за кој се тврди дека е на американскиот претседател Џо Бајден ги повикува гласачите во САД да ги прескокнат прелиминарните избори во Њу Хемпшир што се одржуваат денеска. За случајот е отворена истрага, а сомневањата се дека аудиоснимката е генерирана со помош на вештачка интелигенција, јавува Би-би-си.

Во моментов не е јасно кој ја создал снимката, а кампањата на Доналд Трамп негираше вмешаност.

Во аудиопораката, гласот што се слуша им порачува да луѓето да го „зачуваат“ своето гласачко ливче за општите избори што ќе се одржат во ноември.

„Републиканците се обидуваат да ги натераат непартиските и демократските гласачи да учествуваат на нивните прелиминарни избори“, се вели во аудиоснимката изговорена со гласот на Џо Бајден генериран со помош на вештачка интелигенција.

Не постои правило според кое луѓето што гласаат на прелиминарните избори нема да можат да гласаат и на општите претседателски избори, така што нема никаква причина за гласовите да се „чуваат“, пишуваат американските медиуми.

Од канцеларијата на јавниот обвинител во Њу Хемпшир соопштија дека, иако гласот во роботскиот повик звучи како гласот на претседателот Бајден, според првичните индикации, пораката е вештачки генерирана.

Во соопштението се додава оти се чини дека пораките се незаконски обид да се попречат денешните прелиминарни избори и дека гласачите треба целосно да ја игнорираат содржината на пораката.

На уредите на оние што го добиле повикот, лажно било прикажано дека истиот доаѓа од личниот број на поранешната претседателка на Демократската партија во Њу Хемпшир, Кети Саливан, која помага во водењето на кампањата на Бајден.

Саливан го нарече поврзувањето на нејзиниот личен број со повикот – „целосно мешање во изборите“.

Според апликацијата „Номоробо“, проценките се дека лажните повици биле остварени помеѓу 5.000 и 25.000 пати, пренесе Си-ен-ен.

Од Белата куќа потврдија дека повикот е лажен, а од кампањата на Бајден порачаа дека повикот е „обид да се потисне гласањето и намерно да се поткопаат слободните и фер избори“.

На денешното гласање на прелиминарните избори во Њу Хемпшир, гласачите од двете главни партии – Демократската и Републиканската – избираат кој кандидат треба да биде нивен претставник на претседателските избори во ноември.

Иако името на Бајден нема да се појави на прелиминарното гласање во Њу Хемпшир, се формираше кампања предводена од државните и локалните Демократи за гласачите да го пишуваат неговото име.