fbpx

Лавров: Западот од Македонија и Црна Гора прави „алатки“ во антируската игра, исто како Украина

-

Постои впечатлива разлика помеѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствуваат кон Русија и она што Брисел, ЕУ и НАТО ги принудуваат нивните политичари да го прават, вели рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров во видео интервју за Асоцијацијата „Наше Кино“ кое беше објавено на официјалната веб-страница на руското Министерство за надворешни работи.

„Ова е обид тие да станат ‘алатка’ во антируската игра. Тоа е истото што се обидоа да го направат во Украина и во голем број други источноевропски земји“, додава Лавров во интервјуто кое изобилува со анти-западни чувства.

Интервјуто со Лавров е направено по повод годишнината од смртта на отец Методиј, кој служеше во Валаамскиот манастир во Русија, а пред една година почина од ковид-19. Методиј по потекло беше од македонското село Блатец, близу Виница. Лавров посочува дека отецот бил многу загрижен за промените што се случуваат во Македонија.

„Земјата стана Северна Македонија за да влезе во ЕУ (каде не ги примија и наскоро нема да ги примат, ако се реши ова прашање). Наместо тоа, тие ги вовлекоа во НАТО, почнаа да подгреваат русофобични чувства, агресивна политика кон Руската Федерација“, вели рускиот шеф на димпломатијата додавајќи дека истото е направено и со Црна Гора.

Лавров потоа вели дека кога тој бил во Скопје и во Охрид, луѓето во Македонија се однесувале позитивно кон заедничката историја и религија со Русија. А, со слични емотивни зборови говори и за неговата посета на Црна Гора споменувајќи го споменикот на рускиот поет Владимир Висоцки во Подгорица.

Лавров смета оти постои впечатлива разлика помеѓу тоа што Црногорците и Македонците го чувствувале кон Русија и она што Брисел, ЕУ и НАТО ги принудувале нивните политичари да го прават.

„Ова е обид тие да станат „алатка“ во антируската игра. Тоа е истото што се обидоа да го направат во Украина и во голем број други источноевропски земји“, потенцира рускиот шеф на дипломатијата.

Понатаму, Лавров го коментира и „обновувањето на евхаристиското заедништво меѓу српската и македонската црква“, што автоматски ги враќало во заедница со Руската православна црква.

Лавров смета дека тоа била разумна одлука на Српската православна црква и на српскиот патријарх Порфириј обвинувајќи го Цариградскиот патријарх за интриги и задкулисни игри.

„Мислам дека ова е мудра одлука. Ова ни овозможува да ја обновиме евхаристиската заедница со Руската православна црква, за што ние сме заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе му служи на доброто на православието“, завршува Лавров.

Архимандрит Методиј, кој по потекло е од Македонија, а починал во Валаамскиот манастир во Русија | Фото: valaam.ru

Инаку, на веб-страницата на Валaaмскиот манастир вчера е објавен некролог по повод годишнината од смртта на архимандрит Методиј, кој почина на 22 јули 2021 година.

„Пред една година, на 22 јули, по кратко боледување, ненадејно во Господ се упокои еден од столбовите на Валaaмскиот манастир, човек со неверојатна чистота на срцето и широка душа, архимандрит Методиј“, пишува во некрологот.

Понатаму се додава дека Методиј Петров, со световно име Венко Петров, е роден во далечната Македонија, во селото Блатец, југоисточно од градот Виница, на 16 февруари 1961 година.

Во интервјуто за Асоцијацијата „Наше Кино“, Лавров за отец Методиј вели дека бил талентиран во сè: „и во начинот на кој пееше и во начинот на кој кажуваше здравици во чест на неговите гости. Сето ова покажува дека тој имаше широкограда и дарежлива природа. Таков секогаш ќе го паметиме“.

На 26 мај 2017 година, напис за отец Методиј, кој е преземен и преведен од веб-страницата на Валаамскиот манастир, е објавен на веб-страницата на Преспанско-пелагониската православна епархија по повод посетата во Москва на екс-претседателот Ѓорге Иванов.

При посетата по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, Иванов тогаш се сретнал со поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил.

Тој, како што се пренесува во текстот, спомнал дека многу луѓе дознаваат за Македонија посетувајќи го Валаамскиот манастир: „Таму, постојано се труди еден ваш ‘амбасадор’, игуменот Методиј (Петров) – легендарна личност, него сите го сакаат. Тој ги прима сите со отворено срце“ – забележал поглаварот на Руската православна црква.

Валаамскиот манастир, каде служеше отец Методиј, се наоѓа на северот на Русија, близу Санкт Петербург, на островот Валаам во езерото Ладога.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...